БУЏЕТОТ ЗА 2017 СКРОЕН: Чека влез во Собрание!
Буџетот за 2017 година е стокмен и чека да влезе во Собрание.
Според последните најави на надлежниот министер Миновски тоа би требало да се случи в понеделник.
Од Министерството за финансии вчера потврдија дека новиот Буџет е подготвен и во текот на вчерашниот ден доставен до Владата.
На пратениците останува одлуката дали овој нов буџет ќе го помине собранискот филтер.
Што велат економистите за овој буџет?
„Секој буџет кога се носи треба да се имаат во предвив малку и некои подолгорочни аспекти или барем среднорочни аспекти, бидејќи фискалната политика не е политика што се води од денес за утре, туку има малку и подолг временски хоризонт на планирање на приходите и расходите“, потенцира универзитетскиот професор Владимир Филиповски.
Тој за Фактор вели дека „во таа смисла со оглед на фактот дека се наоѓаме два –три месеци пред изборите, мислам дека добар принцип би бил следниот, да се остави онаа политичка опција која ќе ја добие довербата на мнозинството граѓани да може да ја спроведе целокупната своја економска програма вкулучително и фискалната политика која е значаен дел од секоја економска програма на било која политичка партија.Така што мислам дека во овој случај треба да се остави на изборите, да се одреди која е таа програма која што ќе биде извршувана и реализирана во следниот период“.
Од Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ па велат дека на секое носење на Буџет треба да му претходи соодветна дебата.
„Пред секое носење на Буџет потребно е да претходи соодветна дебата каде што ќе бидат вклучени сите засегнати страни, сите носители на политиките се со цел тој Буџет да биде што поиздржан и во насока на поттикнување на економскиот раст.Капиталните расходи да не се менуваат односно истите да бидат носител на економскиот раст.Затоа што во изминатата година бевме сведоци и забележавме дека токму капиталните расходи беа тие кои што беа двигател на економскиот раст. Во однос на понатамошното трошење со оглед дека ни претстојат избори, главната препорака е да трошоците да бидат рационално користени и во насока на најпотребните нешта“, вели Благица Петрески.
Неофицијално проекциите во новиот Буџет за догодина се оптимистички но сепак помали во однос на годинава. Економскиот раст е проектиран на 3% , а буџетскиот дефицит на 3 отсто.
