Буџетот и домашните инвестиции ги скараа власта и опозицијата
СДСМ бара итен ребаланс на буџетот и поттикнување на домашните инвестиции , од ВМРО ДПМНЕ пак обвинуваат дека професорот Узунов не знаел што зборува
ВМРО ДПМНЕ со обвинувања одговорија на барањата на потпретседтелот на СДСМ, Ванчо Узунов со кои тој порачува Владата до почетокот на септември да предложи ребаланс на буџетот, зашто смета дека кога ќе се стаса до моментот буџетот да стане неликвиден, ќе биде предоцна да се реагира. Тој порача и дека наместо фокусирање исклучиво кон „очекувано“ привлекување на странски инвеститори кои треба „да нè спасат“, владата треба да се насочи пред сè кон домашните бизнисмени и инвеститори и побара да се подобрат условите за нивно работење и инвестирање.
Со денешната прес конференција, професорот Узунов, ни стави јасно до знаење дека не знае што зборува, велат од ВМРО ДПМНЕ . Оттаму вратија дека Владата обезбедила ефтини кредити за малите и средните претпријатија преку ЕИБ од 350 милиони евра.
„Второ, кога зборуваме за странски директни инвестиции Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе странски инвестиции во износ над милијарда и пол евра, што е за 600 милиони евра повеќе од сите досегашни Влади предводени од СДСМ...Мораме да потенцираме дека Владата на Република Македонија успеа да ги донесе овие гиганти во светска економска криза, за разлика од времето кога СДСМ владееше и не се соочуваше со овие глобални проблеми и пречки. Овој број на странски директни инвестиции придонесе за отворање на илјадници нови работни места за македонските граѓани, како и за заживување на македонската економија, а според последните податоци и за зголемување на извозот во државата“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Узунов потсети и на неуспехот на широко-рекламираниот и „елитен“ проект на Владата „Купи куќа, купи стан“.
„ Сега, единствено заради негово спасување и заради подобрување на рејтингот на владата, таа прави измена на правилата на проектот, со кои на корисниците на буџетски средства им ги простува парите кои ќе ги добијат како „кредит“. Така, прво, граѓаните се ставаат во крајно нерамноправна положба – некои се нето добитници, а некои се нето губитници и второ, ако претпоставиме дека ќе има 500 корисници на финансиска поддршка од по 9.200 евра и 500 корисници на поддршка од по 15.000 евра, со тоа владата ќе направи дополнителен долг од над 12 милиони евра, кој ќе треба да се враќа во наредните 5 години! Која е реалната вредност на тој проект за оние граѓани кои само ќе ги враќаат тие пари“, прашува потпретседателот на СДСМ, Узунов.
Во однос на овој проект од ВМРО ДПМНЕ велат дека во СДСМ се целосно контрадикторни бидејќи и тие самите имале сличен проект во својата програма.
Слично
