Економија, финансии, бизнис

Контакт

БУЏЕТ, КРИЗА, МЕРКИ: Владата се уште е „на лесно“ за пари, тешкото може да следи за неколку месеци

БУЏЕТ, КРИЗА, МЕРКИ: Владата се уште е  „на лесно“ за пари, тешкото може да следи за неколку месеци

Нема ризик за Владата да ги обезбеди парите со кои ќе го финансира значајниот буџетски минус до крајот на годината, но можно е економскиот пад да биде уште поголем од очекуваниот, особено ако потрае кризата. Економистите со кои разговаравме откако министерот за финансии Фатмир Бесими ги образложи новите очекувања за домашната економија велат дека поради неизвесноста се комплицираат прогнозите и за следната година и се поизвесна станува можноста за полош перформанс на домашната економија и во 2021 година. Бесими вчера соопшти дека со ребалансот прогнозата за пад на БДП се ревидира надолу на минус 4,4 проценти. Расходите во годинешниот буџет со новиот ребаланс се зголемуваат за 162 милиони евра, а приходите остануваат на слично ниво. Сепак поради потребите се зголемува буџетскиот дефицит на рекодни 920 милиони евра или 8,4 проценти од БДП. Владата ќе има потреба да позајми дополнителни 250 милиони евра кои како што вели Бесими ќе бидат од домашно задолжување. Професорите велат дека е добро да се оди со позајмување дома.

Кои се ризиците? Професорката Никица Мојсовска Блажевски за Фактор вели дека ребалансот е базиран на реалистично сценарио, иако неизвесноста е голема, како во целиот свет, така и во земјава и за жал ризиците се целосно надолни. 


„Иако проекцијата за пад на економијата од 4,4 проценти во 2020 изгледа реална, можно е годината да ја завршиме и со поголем пад. Истовремено, неизвесен е и почетокот, па и првата половина на 2021 во смисла на економски раст, а со тоа неизвесно е и нивото на приходи. Понатаму, неизвесноста, особено за 2021 година, може негативно да влијае врз вработеноста, врз задржување на работниците како и враќање на работа на отпуштените работници. Тоа негативно ќе се одрази на приходите, посебно на персоналниот данок на доход и социјалните придонеси, приходни категории кои доста добро се реализираа оваа година, вели Мојсовска Блажевски.

Голем дел од потребите за пари се поради обврските од четвртиот пакет антикризни мерки, а Владата најавува дека следната година, можеби веќе и оваа, можно е да има и нов пакет мерки. Тука економистите го лоцираат еден од идните ризици. Од каде во услови на подолга криза ќе се наоѓаат пари за финансирање. 

„Секако најавените мерки и буџетски расходи сврзани со нив се правени со одредени претпоставки за искористеност на мерките, но можно е „побарувачката” за мерки да е помала, зависно од условите поврзани со истите. Се додека не се објават условите односно деталите за некои од мерките тешко е да се процени тоа, вели Мојсовска Блажевски.

Со четвртиот пакет мерки, за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од COVID-19 27 милиони евра. Бесими образложи дека за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња предвиделе 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста Туристички водич 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра. 


Македонскиот викенд шопинг со МојДДВ ќе „чини“ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка се предвидени 13 милиони евра, а за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра.

Заклучно со вториот квартал јавниот долг изнесува 59,5 проценти од БДП. Бесими синоќа рече дека долгот ќе се зголеми до 60,5 проценти од БДП до крајот на годината.

Александра Томиќ

Слично

Поврзани вести