Економија, финансии, бизнис

Контакт

Буџетските настани ја кренаа опозицијата, протестот мирен, полицијата без работа!

Буџетските настани ја кренаа опозицијата, протестот мирен, полицијата без работа!
Буџетските настани од почетокот на неделава, кулминираа вчера со голем протестен митинг на опозицијата пред ВМРО ДПМНЕ. Неколку илјади луѓе протестираа поради начинот на кој беше изгласан Буџетот, што за опозицијата е класичен пример на примена на сила. На насобрабните им се обрати лидерот на СДСМ кој порача дека од идната недела, од среда ќе продолжат протестите ширум републиката. - Доста беше споменици во мермер и бронза со барокни фасади! Оваа влада не може да дише, а камоли да владее без многу, многу кредити и без своите пералници за пари. И што смисли големиот реформатор и пастир Никола Груевски. Буџетот да се донесе на сила, шверцерски, без закон и собраниска процедура. На народните претставници  им испрати специјалци да ги исфрлат, а претходно да ги исфрлат и медиумите од Собранието, рече Бранко Црвенковски. Лидерот на ЛДП Андреј Жерновски порача дека е време отпорот да земе поголем замав. -Деновиве слушнавме небулоза од пратеничка од власта, медиумите биле тргнати за да не паднела камера, на некој пратеник од ДПМНЕ. Ова зад нас е куќата од каде дојдоа наредбите да се исфрлаат новинари да се тепаат трудни жени, да се пресметуваат со пратеници. Тука влегуваат судии, обвинители, уредници. Ова е полициско-партиска држава. Отпорот мора да продолжи. Граѓаните велат, го видовме грдото лице на оваа власт, но тоа е вистинското лице“, рече Жерновски. На насобраните им се обрати и Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието. - Дојдов заради тоа што сум убеден дека ова е собир на чесни и достоинствени луѓе. Овој собир не одобрува насилство и со тага ги чувствува последните делби на Македонците. За жал во понеделникот на 24-ти, во Собранието кое е дом на слободата и демократијата, демократијата беше укината. На една третина од народните пратеници им беше суспендиран мандатот. Тоа е газење на Уставот и не се случило дотогаш во Македонија, тоа не се случило никаде во светот. Ако има такви случаи, тоа не се избрани од народот, туку се работи за диктатори, рече Стојан Андов на протестот на опозицијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Горан Мисовски од НСДП смета Груевски не смее да си дозволи такво недемократско однесување, какво што покажува во континуитет, а кулминираше со буџетските настани. Ти Никола, на 24 ја донесе најгрешната одлука. Одлучи да ја убиеш демократијата и парламентот, со Јанкуловска, Ставрески и Вељаноски. Заедно одлучивте да кренете рака на пратениците, а со тоа и на народот, рече потпретседателот на НСДП, Горан Мисовски на протестот на опозицијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Протестот заврши мирно, по неколку часа исвиркување за Владата и ВМРО ДПМНЕ насобраните се разотидоа. Пред седиштето на партијата имаше и голем број на полицајци. Владејачката партија не се огласи во врска со митингот.
Слично

Поврзани вести