БУЏЕТ 2016 Пресметки со фабричка маана или одиме напред?
2.87 милијарди евра е проекцијата на новиот Буџет(приходи) на Владата за 2016 година со кој се предвидува зголемување на пензиите и социјалната помош и зголемување на парите наменети за капитални инвестиции.
Проекциите, кои се усвоени вчера се трошоци од 3,2 милијарди евра, намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти за следната година и второ, зголемување на средствата за капитални инвестиции, односно покачување на пензии и социјална помош за 5 отсто и значително зголемување на капиталните инвестиции со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот.
Државната каса за наредната година се заснова на две насоки – висок износ на капитални инвестиции за да му се помага на стопанството, и истовремено зголемување на средствата за најранливите категории, да се заштити стандардот на граѓани.
„Буџетот ќе биде во корист на граѓаните на Република Македонија, вели вицепремиерот и министер за финансии“, Зоран Ставрески.
Капиталните инвестиции, според Ставрески, директно ќе помогнат за динамизирање на економската активност во 2016-та година.
За капитални расходи се планираат 408 милиони евра. Од нив, за автопатската делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, која треба целосно да биде завршена во 2016 година, се одвоени 42 милиона евра, уште 36 милиони се обезбедени за железничкиот транспорт, 50 милиони се за водоводни и канализациони мрежи. Во државната каса има пари за реконструкција на студентските домови, за училиштата, градинки. Во делот на здравството, планирана е реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и за Клиничкиот центар во Скопје. За земјоделците се одвоени 141 милион евра за субвенции.
Даночните приходи во Буџетот за 2016 година се планирани со раст од 6,5 отсто или да достигнат 101.531.000.000 денари, неданочните и капиталните приходи се предвидува дека ќе остварат 9.633.000.000 вкупен износ. Придонесите е планирано да се зголемат за 4,2 проценти и да достигнат ниво од 49.187.000.000 денари. На сопствените сметки буџетските корисници ќе остварат 15.553.000.000 денари.
На расходната страна се две значајни политики а тоа е зголемување на пензиите за 5 отсто, коешто ќе се реализира од септемвриската пензија што ќе се исплати во октомври 2016 година. Тоа подразбира дополнителни средства за тие три месеци од 611 милиони денари, но тој ефект ќе се пренесе и врз буџетот за 2017 година. Социјалната помош ќе се зголеми за 5 проценти почнувајќи од јуни 2016 година, за што се потребни дополнителни 218 милиони денари.
За платите се предвидени 25.906 милиони денари, што е за 3,3 проценти повеќе од 2015 година. Кај стоките и услугите планирано е да изнесуваат нешто повеќе од 19 милијарди денари, при што се обезбедени и средства за изборите во април 2016 година.
Буџет со фабричка манаа- Вака професорот Крсте Шајноски го процени новиот предлог буџет на Влада за 2016 .
„Според проекцијата во стратегијата, буџетскиот дефицит во 2014 година требаше да изнесува 3,5% од БДП, а се реализира со највисока стапка од 4,2%. Годинава требаше да се намали на 3,2%, меѓутоа, се проценува дека ќе изнесува 3,6%. Нема да се оствари ниту предвидувањето за намалување на буџетскиот дефицит во 2016 година на ниво од 2,6% од БДП, бидејќи со предлог буџетот за 2016 година се предвидува тој да се сведе на ниво од 3,2%. Ако се‘ е „планирано“ како досега, веројатноста е поголема дека нивото на буџетскот дефицит во наредната година ќе биде поголем од предвидениот“, вели Шајноски.
Транспарентност Македонија пак нотираше дека овој буџет што го достави Владата е досега најголемиот буџет на државата, кој изнесува околу 40% од бруто домашниот производ на Македонија, посочувајќи дека Предлог буџетот е во функција на предвремените парламентарни избори во април наредната година.
Велат дека буџетот е скроен за престојните предвремени парламентарни избори покажува и фактот што со него се предвидува зголемување на пензиите и на социјалната помош за 5%.
Но, се разбира дека тие зголемувања се предвидуваат за после април 2016 г., кога парламентарните избори ќе бидат завршени.
Навистина е несфатливо каква е оправданоста од зголемување на пензиите во ситуација кога, при огромна невработенсот, вработувањето стагнира, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во голема загуба, финансирана од централниот буџет, прашаа од Транспарентност.
Слично
