Бучковски треба да се јави во затвор за осум дена
Поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски во рок од осум дена треба да се јави на издржување на затворската казна за случајот „Тенковски делови“.
Казната затвор му е во траење од две години, а ќе ја издржува во казнено-поправната установа - затвор Скопје. Упатот за одење во затвор Бучковски го добива по вторпат. Првиот пат, во септември, судот му одобри одложување од еден месец.
Одбраната на Бучковски вели дека подготвува нова жалба, а очекува одлука и од Врховниот суд, до кој достави претставка на 15-ти октомври.
Бучковски два пати неделно редовно се јавува кај судијата за извршување санкции, со што ги почитува обврските додека трае судската постапка, вели одбраната на експремиерот, според која нелогична е јавната прозивка што судот му ја упати на Бучковски за да се јави на издржување на казната.
Во барањето за ново одлагање на издржувањето на казната, кое денеска му беше одбиено, Бучковски барал од судот да му овозможи да продолжи со предавања по предметот Римско право до крајот на семестарот, односно до 31 јануари 2015. Но Кривичниот суд ова го одбил со објаснување дека тој требало веќе да го извести Правниот факултет дека две години нема да може да ги извршува своите обврски како редовен професор и воопшто не требало да презема обврски кои би го попречиле изржувањето на затворската казна.
Бучковски е осуден за злоупотреба на функцијата од позиција на министер за одбрана при набавка на резервни делови за армиските тенкови Т55 во 2001 година. Обвинението го товареше, а судот пресуди дека со ова тој и неговите соработници го оштетиле државниот буџет за 2,5 милиони евра. За случајот е осуден и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методиј Стамболиски, а три други лица добија условни казни.
Слично
