Бруцошите ја продолжуваат константната борба за квалитет во образованието!
Статус-кво состојбата со преговорите за Законот за високо образование и игнорантскиот однос на надлежните кон учениците, матурантите и студентите е мотив повеќе борбата за квалитетно образование да продолжи-велат матурантите кои веќе од септември стануваат бруцоши. Тие велат дека својата борба ќе ја продолжат во студентските редови бидејќи е потребно сериозно законско решение кое ќе ги подобри условите за студирање и начинот на кој се стигнува до квалитет и знаење.
“Ние минатата недела имавме состанок со координаторите во Средношколскиот пленум кои се од пониските одделенија и кои ќе треба да продолжат онаму кадешто ние застанавме. Секако нашата подршка нема да изостане ниту во иднина бидејќи и покрај протестите и делумниот договор за враќање на стариот концепт на државна матура но само за овогодинешните матуранти, сеуште остануваат отворени проблемите околу начинот на спроведување на екстерното тестирање и концептот на државна матура. Ова се сериозни прашања кои директно се поврзани со успехот и знаењето на учениците, а нивното спроведување е контрадикторно и нелогично. А за жал токму од нивните резултати за многу ученици ќе зависи дали и каде понатаму ќе го продолжат своето високо образование. Оттука ние ќе продолжиме со ист елан и работа и како идни студенти”-вели Моника Пешевска од Средношколскиот пленум.
Таа деновиве се запишала на Природно- математичкиот факултет во Скопје. Следниот период вели ќе биде фокусирана на факултетот но и на активностите во пленумите.
“Минатата учебна година научивме многу. Иако надлежните и покрај кампот, бојкотот на наставата, протестите и подршката од професорите не сакаа на заедничка маса да најдат решенија и да не вклучат како рамноправни чинители, ние не се откажуваме. Треба да се бара модел на соработка за да се дојде до решение”-вели Пешевска. Од Студентскиот пленум велат дека матурантите - идни студенти се добредојдени во нивните редови бидејќи нивната поставеност е хоризонтална во која сите се еднакви и сечиј глас и размислување има иста тежина. Сугестиите и предлозите за подобро образование и нови насоки за креирање на квалитетно законско решение, според студентите се секогаш корисни и потребни.
„Автентичното студентско движење кое функционира по принцип на пленарно дискутирање за студентските проблеми, права и обрврски, здружено и транспарентно преиспитување на правилата и институционалните мерки што ги засегаат бара жестока и аргументирана реакција за здружено и солидарно да се разменуваат искуства, да се спротивставуваат мислења, да се бранат и унапредуваат своите права и слободи и да се реагираат кога нашите интереси се загрозени. Секој кој мисли дека знае да ги пренесе на овој начин своите ставови е добредојден“-велат од Студентскиот пленум.
Решенијата за подобро и поквалитетно образование според нив се многу едноставни- слух и разбирање за најзасегнатите-учениците, студентите и професорите но со подобра, поквалитетна и Влада која има слух за младите. Лекциите за демократија кои студентите и средношколците ги држеа како по улиците така и на сопствените пленуми треба да бидат пример за секоја идна Влада како треба да се работи во дух на дебата, соработка, размена на предлози и идеи за постигнување на квалитет. Оттаму порачуваат до надлежните да ги применат пленумските принципи секогаш кога ќе се разговара за проблемите, особено образовните, а Универзитетот да биде место каде што ќе се развива слободната мисла - есенцијална за процесот на студирање кое нужно претпоставува постоење на автономија без надворешни притисоци.
С.Б.
