Брокерите не можат да извадат ниту за плата?
Обврзницата за денационализација од 14 емисија оствари 44 отсто од прометот на Официјален пазар. Единствено уште „Алкалоид“ и НЛБ Тутунска банка остварија промет од над еден милион денари
Брокерите оваа седмица дали заработија за неделна плата? Да не зборуваме за другите фиксни и варијабилни трошоци од нивното работење. Прометот на Официјалниот пазар во четирите трговски дена изнесува 16,1 милиони денари, а целиот промет на сите пазари (вклучително и една регистрирана блок трансакција) изнесува одвај 20 милиони денари. Ако прометот на Официјалниот пазар бил 16 милиони денари, а десетте брокерски куќи кои работно ангажираат барем 20 лица, оваа седмица поделиле меѓу себе 1 отсто од прометот односно околу 161.000 денари.
Прометот што беше реализиран оваа седмица беше еден од најниските неделни промети од почетокот на годинава досега. И покрај тоа што имаше еден трговски ден помалку, сепак оваа трговска седмица сите учесници кои живеат од прометот на берзата ќе сакаат да ја заборават што побргу можат. И ќе посакаат да не им се повтори...
Што ја одбележа оваа трговска седмица? Државната обврзница за денационализација од 14 емисија направи 44 отсто од целиот промет во класично тргување на Официјалниот пазар. Единствени акции што успеаја да реализираат промет поголем од еден милион денари беа „Алкалоид“ и НЛБ „Тутунска банка“. Седмицата ја одбележа и , во недостиг на други настани, единствената блок трансакција со акцијата на „Скопски пазар“. Не е мнгоу за четири дена, нели?
„Алкалоид“ успеа да се врати во маргината од 4.900 денари за акција и тоа беше неговата последна цена за таа седмица.Прометот на моментално убедливо најпосакуваната македонска акција изнесува 4,4 милиони денари, се тргуваше во сите четири трговски дена. Ова е убава и оптимистичка вест за сите иматели на акции на „Алкалоид“ – таа акција во најслабиот период од годината стартува тргување со цена од 4.900 денари за акција. Ривалот „Комерцијална банка“ оваа седмица беше во нокдаун. По објавата на финансиските резултати кои јавуваат за загуба од 3 милиони евра со подобрени приходи од камати и со зголемен обем на депозити сепак инвеститорите резервирани. И очекувано. Акцијата се тргуваше во маргина од 1.800 до 1.755 денари за акција, а последната цена во петокот беше постигната само во 40 акции и таа изнесуваше 1.755 денари. Вкупниот промет на „Комерцијална банка“ беше 0,64 милиони денари.
На подсегментот „задолжителна котација“ единствена светла точка втора седмица по ред е акцијата на НЛБ „Тутунска банка“. Прометот е 1 милион денари, а маргината е 165 денари од 5.665 до 5.500 денари за акција. Последната цена е 5.500 денари, а акцијата се тргуваше во три трговски дена, што е солидно за акција со релативно мал „спред“ односно квантум на акции кои се во рацете на мали акционери пред се домашни физички лица.
Втора акција за истакнување на овој подсегмент е Македонски телеком со реализација од 0,61 милиони денари тргувани во ценовна маргина од 260 до 255 денари за акција. Со оглед на тоа што оваа компанија секоја година дели дивиденда и таа не била пониска од десетина отсто од оваа цена, ова сега можеби и не е лош момент за купување на акцијата.
Треба да се одбележи уште и блок трансакцијата со акцијата на „Скопски пазар“ трговска компанија која во континуитет го губи и намалува своето пазарно учество. Сепак блок транскацијата од 3,66 милиони денари за акции купени на цена од 8.000 денари за акција покажува дека и покрај слабите резултати има купувачи кои би платиле, но само за покрупна количина акции.
Р.Ф.
Слично
