Бројот на жени и деца кои поминуваат низ земјата во потрага по засолниште во Европа трипати се зголеми во три месеци
Бројот на жени и деца кои бегаат од насилството во земјите од кои потекнуваат и кои поминуваат низ поранешната Југословенска Република Македонија во потрага по засолниште во Европа трипати се зголеми во последните три месеци, соопшти УНИЦЕФ денеска.
Околу 3.000 луѓе секојдневно транзитираат низ земјата. Една третина од нив се жени и деца - што е голем пораст од 10-те проценти во јуни. Околу 12 отсто од жените се бремени.
Според бројките од Министерството за внатрешни работи, 80 проценти се по потекло од Сирија, 5 проценти се од Авганистан и уште 5 проценти се од Ирак.
Од јуни 2015 година, повеќе од 52.000 лица се регистрирани во Прифатниот центар на границата во Гевгелија по влегувањето од Грција. Се проценува дека исто толкав број транзитираат низ земјата без да бидат регистрирани.
Многу семејства со месеци се во движење со своите деца, поднесувајќи екстремно жешки денови, пристигнувајќи само со облеката и обувките што ги носат. Тие се физички исцрпени и имаат очајна потреба од место за одмор. Многумина страдаат од дехидрација, плускавци, настинка, дијареја и изгореници од сонцето.
И покрај најдобрите напори на владата и партнерите на терен, вклучувајќи го и УНХЦР, тие имаат потреба од повеќе вода и поголем пристап до хигиенски и санитарни погодности. Многумина се под длабок стрес, а на некои им е потребна медицинска помош.
УНИЦЕФ испраќа балони со вода и два шатора од по 72 квадратни метри во Скопје. Балоните за вода од 30.000 литри ќе им овозможат на лицата кои транзитираат низ центарот пристап до чиста вода за пиење, која во моментов е ограничена на флаширана вода. Водата може да се користи и за миење, затоа што објектите за миење допрва треба да се воспостават. Шаторите ќе се користат како пријатен простор за децата; сегашниот простор може да опслужи 50 деца истовремено, во кој се овозможуваат цртање, играње и едукативни материјали за децата. Откако првпат беше воспоставен на 23 август, тој прими околу 1.200 деца. УНИЦЕФ, исто така, ја набавува и многу потребната храна за деца.
Без оглед на нивниот статус, децата кои се движат преку границите, со семејства или без придружба, треба да добијат соодветна помош и заштита. Нивните барања за статус на бегалци треба да се обработуваат брзо и праведно на граничните премини, со правилно следење и спроведување. Властите во Европа треба да ги применуваат постојните закони и политики за чување и заштита на правата на децата.
УНИЦЕФ внимателно ја следи ситуацијата на терен и работи со локалните власти за да обезбеди заштита за децата. УНИЦЕФ продолжува да се залага за тоа сите активности за децата во движење да се водат според најдобриот интерес на секое дете, на секој чекор од патот.
Слично
