Бројот на сообраќајки намален за 30% во однос на лани
Последната статистика на МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот говори дека бројот на жртви во сообраќајни незгоди е намален за 30% во однос на минатата година.
110 лица го загубиле животот на патиштата низ државата во изминатите 10 месеци, а истиот период лани бројот на жртви бил 164.
„Сепак сме одлучни во нашиот пристап кон подигање на безбедноста во сообраќајот на едно високо ниво, притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизирани возачи, за неисправни возила на коловозите, за непочитување на прецизните сообраќајни правила и прописи“, изјавила министерката Гордана Јанкуловска.
Според министерката за намалување на бројот на сообраќајни незгоди ќе придонесе и донесувањето на новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата што, како што истакнува министерката ќе претставува дополнителен инструмент во подигањето на степенот на сообраќајната безбедност и култура.
Новиот закон ќе значи и предвидени повисоки казни што за граѓаните значи зголемување за три пати и ќе удри директно по нивниот џеп што пак не е во сооднос на нивните месечни примања.
Надлежните и понатаму упатуваат апел до помладите учесници во сообраќајот да не седнуваат зад волан во алкохолизирана состојба.
