Брнабиќ тврди дека Заев и рекол дека Македонија ќе се воздржи од гласањето за прием на Косово во УНЕСКО
Српската премиерка, Ана Брнабиќ вели дека македонскиот премиер Зоран Заев на Самитот на Берлинската иницијатива во Трст и рекол дека Македонија ќе се воздржи од гласањето за прием на Косово во УНЕСКО.
„Во овој момент, мене тоа ми е најважно – претседателите во регионот да стојат на зборот“ - рече Брнабиќ.
Брнабиќ додаде дека Србија многу пати, на повеќе начини, покажала дека е конструктивна, флексибилна и толерантна, и покрај „некои изјави во регионот“, пренесува Танјуг.
Таа најави дека ќе оди на неформалниот состанок во албанскиот град Драч на 26 август, што претставува продолжување на Берлинскиот процес и на кој ќе бидат присутни лидерите од Западен Балкан.
Брнабиќ потврди дека таму ќе има средба со Заев и наведе дека на собирот ќе се разговара за тоа што треба понатаму да се работи, во смисла на развој и подобра иднина на регионот.
