Брнабиќ тврди дека „Отворен Балкан“ е толку добар да не може да пропадне
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ вечерва ги отфрли ставовите според кои проектот Отворен Балкан е во криза и оцени дека соработката меѓу Србија, Албанија и Македонија во тој проект веќе дава резултати.
Брнабиќ за ТВ Пинк изјави дека проектот Отворен Балкан, поради поврзаноста на регионот со економските причини, е толку добар што не може да пропадне.
„Тоа е тула во основата на нашата иднина“, изјави таа во емисијата „Хит твит“.
Таа посочи и дека проектот „не е во криза“, и како што рече, „по дифолт не може да биде во криза“.
Според неа, само две земји да останат во проектот, тие повторно би имале многу взаемни придобивки.
Таа изрази уверување дека и други балкански земји ќе се приклучат на проектот.
„Ако за некој балкански инает не се приклучат, ќе им биде жал, а и на нивните граѓани сигурно“, рече таа.
Таа посочи дека во рамките на тој проект се разговара за проширување и воспоставување заеднички гранични премини, како и унифицирани царински и сите други контроли.
Таа изјави дека размислува да види како и нејзините соседи можат да имаат корист од странските инвестиции, „според кои Србија е лидер во регионот“.
