Британка не сакала да доплати за сместување во Сплит, по што ја претепале
Британската студентка Лора Денмар e претепана во хрватскиот град Сплит, затоа што одбила да плати повеќе пари отколку што платиле однапред за сместувањето кое го резервирале во Сплит, пренесуваат медиумите.
Лора Денмар (26) е претепана, а нејзиното момче го тепале со метална шипка.
Студентката по драматургија на Кралскиот колеџ за драма во Лондон со момчето Џереми Лафонд (39), била на летување во Хрватска минатиот месец.
Тие букирале сместување преку онлајн агенција. Меѓутоа кога стигнале во Стариот Град во Сплит, им било јасно дека нешто не е во ред. Им рекле да ги земат клучевите за собата од друг хостел, а потоа оделе до апартманот на друг крај од населбата.
„Кога стигнавме таму сфативме дека ова воопшто не е легално – имаше 30 кревети, едно веце и ниту еден вработен за одржување на местото. Немавме каде да одиме и веќе имавме платено од напред и решивме да останеме. Последниот ден, дојде една чистачка и ни рече дека мора да платиме повеќе или да заминеме веднаш. Ѝ реков дека тоа не е логично и одбив да ѝ дадам повеќе пари, а таа ни рече дека ќе викне полиција ако не заминеме веднаш. Знаев дека тоа што го прави е нелегално и ѝ реков слободно да викне полиција. Наместо тоа, таа викна еден човек за кој сметаме дека е сопственикот на хостелот. Решивме веднаш да си заминеме, но наместо тоа, таа ни ја заклучи вратата и не смеевме да заминеме додека не дојде човекот. Кога дојде, го приклешти Џереми до ѕидот, а жената и уште еден маж почнаа да ме маваат со метална шипка. Беше ужасно“-додаде студентката.
Таа има тешка повреда на главата, скршена рака и модринки по целото тело.
Веднаш го пријавила случајот во хрватската полиција.
Девојката поднела жалба до агенцијата преку која го букирала сместувањето.
Полицијата во Сплит го потврди случајот.
