Британија ќе ни помогне да го спречиме организираниот криминал?!
Меморандум за соработка за спроведување на проектот „Подобрување на капацитетите за финансиски истраги“ денеска потпишаа британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон, претседателот на Здружението на јавните обвинители Марко Зврлевски и директорот на Управата за финансиска полиција Александар Драгачевски.
Амбасадорот Ивон истакна дека британската поддршката на Здружението на јавните обвинители почна уште во 2010 година и ќе продолжи во иднина зошто, како што нагласи, помага Македонија да се приближи кон европските интеграции. „Британија е инволвирана во делот на обезбедување на поддршка за обвинителите, судството и борбата против организираниот криминал многу години и мислам дека тоа и понатаму ќе го правиме со несмален интерес. Во вакви услови на финансиска криза какви што постојат во светот уште повеќе е битно секој скапоцен ресурс да биде заштитен, особено ако се работи за државното судство“, рече Ивон. Тој посочи дека справувањето со криминалот не е само интерес на државата, туку и на секој поединец кој живее во неа. „Колку што повеќе финансискиот криминал станува прекуграничен толку е поважно да обезбедиме секоја алка во синџирот да биде цврсто обезбедена и заштитена. Заедничката соработка на Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција претставува сигнал за посветеност во насока на справувањето со заедничката закана“, рече Ивон. Проектот, како што рече претседателот на Здружението на јавни обвинители Зврлевски, е многу важен од повеќе причини меѓу кои е стручноста, односно да се направи разлика меѓу истрага за финансиски криминал и финансиска истрага за откривање на имототната состојба на сторителите на кривичните дела. „Здружението на јавни обвинители како невладина, непартиска и доброволна организација и досега давала поддршка на сите јавни обвинители и соработници во насока на подобрување и зацврстување на нивната статусна положба, како и овозможување нивно стручно усовршување на сите полиња. Во остварувањето на овие цели добива безрезервна поддршка од бројни владини и невладини, домашни и меѓународни институции“, рече Зврлевски. Проектот ќе го водат Управата за финансиска полиција и Здружението на јавните обвинители во Република Македонија, а ќе се спроведува во три фази. Целта на проектот е зајакнување на капацитетите на јавните обвинители во Република Македонија и Управата за финансиска полиција за ефикасно користење на финансиските истражни техники и капацитети за следење и повраток на средствата и приходите стекнати со криминал.
Слично
