БРИСЕЛ ПРИТИСКА, МИНИСТРИТЕ НА ЕУ стравуваат од дестабилизација на Македонија
Шефовите на дипломатијата на ЕУ побараа од македонските лидери да го применат договорот за одржување на вонредни избори, владеење на правото и поставување на специјален обвинител.
Шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец соопшти дека на Советот во расправата е заклучено дека Македонија во овој час е клучна за стабилност на регионот, бидејќи ако состојбата во земјава се влоши, тоа ќе влијае на целото етничко мешовито подрачје.
„Тогаш би дошло до етнички натегнувања и би предизвикало голема нестабилност“, навел Ерјавец и предупредил дека „Македонија е посебно важна за запирање на западно балканскиот пат на имиграција“.
Словенечкиот министер за надворешни работи нагласил дека клучните реформи во Македонија мора да се спроведат, нагласувајќи дека е важно да се одржат фер избори, да се утврдат точните изборни списоци и во целиот процес да учествуваат сите клучни политички партии, имајќи во вид дека опозицијата ги бојкотира вонредните избори.
„Македонските политичари сносат одговорност за враќањето на Македонија на патот на европската интеграција“, рекол Ерјавец, забележувајќи дека Европската комисија во извештајот забележала дека состојбата во земјава дури и се влошила.
И високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини порачала партиите да се заложат за целосна имплементација на договорот од Пржино.
