БРИСЕЛ: Новите трошења во Македонија му тежат на Буџетот!
Буџетскиот дефицит и годинава може да биде подлабок од планираното, а зголемените трошења притискаат врз Буџетот, нотира Европската Комисија во новиот пролетен Извештај посветен на новите економски прогнози. Во исто време, Министерството за финансии ги објави новите податоци за состојбата со Јавниот долг. Заклучно со првиот квартал од годинава, нивото на јавниот долг изнесува 43,6% од БДП.
Подлабок буџетски дефицит, позадолжени јавни претпријатија...
Заклучно со март, односно по завршување на првото тромесечје од годинава, Јавниот долг изнесувал 3 милијарди и 230 милиони евра или 43,6% од БДП и во однос на состојбата со крајот на 2014 та година е регистрирано намалување од 2,4 процентни поени.
Ако се анализира структурата на долгот, во првиот квартал е регистрирано намалување на надворешниот долг но зголемување на внатрешните задолжувања. Така, на крајот од март, државата кон странство должела 2 милијарди евра а на домашен терен 1,3 милијарди евра.
Во новиот пролетен Извештај, Европската комисијата оценува дека лани продолжил трендот на раст на јавниот долг, со засилување на долговите на јавните претпријатија. Според оценките на ЕК, 2014 та година завршила со буџетски дефицит од 4,2%, што е подлбоко ниво во однос на претходната прокеција.
“Фискалните перформанси се влошија уште повеќе во втората половина на 2014 година. Додека даночните приходи закрепнаа, зголемените социјални трошоци, како и неочекуваниот дополнителен буџет за транспортниот коридор 10 за изградба на патишта, доведе до притисоци дури и по ребалансот на буџетот кој беше донесен во септември. Покрај зголемувањето на социјалните трошоци, кој стапија на сила на почетокот на годината, владата ги поддржуваше побарувањата на приватниот сектор со дополнително зголемување на платите во јавниот сектор во текот на есента. На крајот на годината, општиот владин дефицит изнесуваше 4,2% од БДП, надминувајќи ја ревидираната граница со 0,5 pps. Зголемувањето на државниот долг остана ограничен во 2014 година, но задолжувањето на претпријатијата во државна сопственост го зголеми нивото на јавниот долг, како и потенцијалните обврски на владата, која обезбедува гаранции за нивните кредити“, се посочува во новиот Извештај на Европската Комисија.
Во анализата посветена на Македонија се нотира дека зголемените трошења ќе го засилат притисокот врз Буџетот, со што не се исклучува потребата од ребаланс на Буџетот.
“Неодамнешните и предвидените зголемувања на социјалните трошоци веќе оставаат последици врз буџетските перформанси - во првите два месеци од 2015 година, акумулираниот буџетски дефицит изнесува околу 25% од целта на буџетот поставена за цела година, или 0,8% од планираниот БДП. Голем број мерки за зголемување на приходите се планирани за 2015 година, но тие не можат да го компензираат планираниот пораст на сегашните трошоци, вклучувајќи и ја неодамнешната одлука на Владата за зголемување на социјалните трансфери од јули за 5%, повеќе од предвиденото во буџетот..Оттаму, не зачудува потребата од ребаланс, со кој ќе се извршат кратења на капиталните расходи наменети за буџетираното засилување на растот“,
Во извештајот се нотира дека општиот владин долг ќе расте, од 39,1 отсто годинава на 40,5 отсто следната година, ниво кое е веќе надминато и за годинава.
Според новите пролетни прогнози, годинава македонската економија ќе испорача раст од 3,8% со што земјата ќе остане европски лидер во Европа според стапката на раст Догодина растот ќе изнесува 3,9%. Комисијата посочува дека иако невработеноста годинава ќе се намали на 27,4% а догодина ќе биде 26,4 отсто, останува загриженоста за високата стапка на невработеност кај младите. Во Извештајот се нотира дека удел во растот имаат странските иневестиции, кои во исто време го зголемиле и извозот .
Д.А.
Слично
