Економија, финансии, бизнис

Контакт

БРИСЕЛ: Македонија ќе има втор најголем раст во Европа

БРИСЕЛ: Македонија ќе има втор најголем раст во Европа
Македонија годинава ќе има втор најголем раст на Бруто-домашниот производ во Европа, прогнозира Европската комисија во своите есенски економски предвидувања. Комисијата и предвидува раст од 3,3% на земјава, што е полошо само од Ирска. Ирската економија, која пред неколку години беше под закана од финансиски банкрот, сега е „шампион“ во европски рамки со очекуван раст од 4,6%. Полоши резултати за растот на Бруто-домашниот производ од Македонија се очекува да имаат останатите земји-членки на ЕУ, но и Европската унија во целина. Кипар, Италија и Хрватска се европските земји кои и годинава ќе останат во зоната на рецесија. Според прогнозите на Брисел, и следната година Македонија се очекува да остане на второто место со раст од 3,4%, а на прво место повторно треба да е Ирска од која се очекува раст од 3,6%. За 2016 година, пак, на Македонија и се предвидува раст од 3,6%, а пред нас би биле Грција и Ирска со раст од 3,7%. Во поглед на невработеноста, Европската комисија очекува таа годинава да падне на 28,5%. За 2015 година, ЕК предвидува раст на вработеноста за 2,1 процент, а за 2016 година бројот на вработени во Македонија да порасне за 2,3 проценти, со што стапката на невработеност би се намалила на 26,6 проценти. Но, и со овој тренд, според невработеноста земјава останува на дното на Европа - Грција и Шпанија, кои во моментов имаат просек од по 26,8 и 24,8 проценти невработени, за две години се очекува да паднат на 22 проценти. „Во текот на период од оваа до пролетната прогноза во 2015 година, се очекува дополнително вработување, што ќе произлезе од силната инвестициска динамика, и од проширувањето на производството од страна на голем број на странски фирми, при што  цената на трудот ќе се зголемува само умерено“, стои во бриселските прогнози за Македонија. Со буџетски дефицит од 4% за годинава, Македонија е некаде на средината на европската табела. Комисијата прогнозира дека буџетската дупка ќе се намали на 3,8% догодина и на 3,5% во 2016 година. Но, во истовреме ќе расте јавниот долг - годинава ќе достигне 40,2% од БДП, а за две години - 43,5%. „Со оглед на ограничените напори за фискална консолидација и големите финансиски потреби за јавните инфраструктурни проекти, јавниот долг најверојатно ќе се зголеми уште повеќе“, констатира Комисијата за Македонија. И со ваков процент, Македонија останува меѓу најниско задолжените во европски рамки. Годинава дури 15 земји-членки на ЕУ ќе ја надминат европската граница за задолжување од 60% од БДП, а најлоша е Грција со задолженост од 175,5% во однос на БДП. Сепак, во останатите европски земји, со исклучок на Хрватска, тенденцијата е долгот да се намалува. Инфлацијата во Македонија, Комисијата прогнозира дека ќе биде 0,7 оваа година и дека таа ќе порасне на 1,2 отсто во 2015 и на 1,7 проценти во 2016 година. „Зголемувањето на платите во јавната админситрација и на пензиите, очекуваното забрзување на растот на вработувањата, робустните дознаки од странство и силното трошење општествен капитал, ќе ја зајакне приватната потрошувачка и инвестициите, помогнато од понатамошно зајакнување на кредитниот раст“, заклучува Комисијата во извештајот за Македонија, при што се нагласува особена загриженост затоа што стапката на невработени млади работници се зголемила уште повеќе во првата половина на 2014 година.
Слично

Поврзани вести