Брисел ја отвора касата - земјите од источниот регион ќе добијат милијарди
Европската комисија денеска објави дека усвоила сеопфатна стратегија за зголемување на поддршката за источните региони на Европската Унија(ЕУ) што граничат со Русија, Белорусија и Украина.
Централниот дел од стратегијата е EastInvest, програма преку која ќе бидат исплатени 28 милијарди евра кредити во соработка со Европската инвестициска банка и Светската банка со цел да се оживеат инвестициските и деловните активности во погодените региони.
Девет земји-членки на ЕУ, Финска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија, треба да имаат корист од оваа иницијатива, која е насочена кон областите кои се соочуваат со намалени инвестиции, намалување на населението и прекини во прекуграничните активности, според најавата.
Стратегијата ја вклучува и европската иницијатива за „ѕидови против дронови“ со цел зајакнување на граничната безбедност, поддршка за интеграција на балтичките енергетски мрежи во пошироката европска мрежа и програми за образование и вработување насочени кон решавање на проблемот со депопулацијата во пограничните области.
Се очекува претставниците на ЕУ да се сретнат со претставници на земјите-членки на 26 февруари, кога финансиските институции ќе ја потпишат декларацијата за започнување на програмата EastInvest, според соопштението на Европската комисија, пренесува Танјуг.