Брисел и Вашингтон бараат целосно повлекување на амнестијата
Американската амбасада во Република Македонија повика за целосно повлекување на амнестијата која претседателот на земјата Ѓорге Иванов ја најави на 12 април оваа година.
„Делумно или селективното повлекување на амнестијата само ќе го зголеми чувството на ненаказанност и ќе спречи Македонија да постигне напредок во остварувањето на нејзините цели, вклучувајќи и нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Македонија мора да го реши овој проблем целосно“, се вели во кратката порака на амбасадата во Скопје.
Доцна синоќа еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан исто така, повика за целосно укинување на амнестијата од 12-ти април.
„Одлуката на Иванов да ја поништи амнестијата само на одреден број луѓе не е доволно. ЕУ неколку пати повика да се избегне селективната правда“, напиша Хан во свој профил на Твитер.
Потсетуваме дека Ѓорге Иванов вчера ја поништи амнестијата за 22 лица. На 12-ти април тој амнестираше 56 лица. Иванов ги повика сите останати кои сакаат да им биде поништена амнестијата да поднесат барање за тоа.
