Брисел и посака „добредојде“ на веста за избори и договор на Партиите
Поздравена одлуката од Брисел за постигнат договор меѓу лидерите за одржување на избори во декември.
Јоханес Хан и Федерика Могерини со заедничка изјава го поздравија чекорот кој потписниците на пржинскиот договор го направија и постигнаа политички договор.
„Го поздравуваме фактот што лидерите на четирите најголеми политички партии донесоа голем број на важни одлуки за спроведување на политичкиот договор од минатата година, како и утврдувањето на 11 декември како датум за предвремените парламентарни избори. Ги повикуваме сите политички партии строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, да им овозможат на сите граѓани слободен избор и, по изборите, да се состави влада која се работи на клучните реформи и ќе работи во интерес на сите граѓани. Во иста насока, сите политички сили треба итно да ги засилат нивните напори за спроведување на остатокот од политичкиот договор, вклучувајќи ги итните реформски приоритети“, стои во заедничката изјава и се наведува дека ЕУ ќе продолжи со својата поддршка на овој процес и ќе и помогне на земјата да се врати на својот евроатлантски пат.
Хан потоа на својот профил на „Твитер“ напиша дека ги поздравува добрите вести од Скопје за договорот меѓу партиите кој треба да го трасира патот за кредибилни избори.
„Добредојдени се добрите вести од Скопје, договорот меѓу партиите треба да го отвори патот за кредибилни избори, со фер избор за граѓаните. Лидерите сега мора итно да го спроведат владеењето на правото и да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат“, напиша Хан на „Твитер“.
После долги натегања, Груевски, Заев, Ахмети, и Тачи ставија потпис на заедничката изјава за датумот на одржување на изборите, како и за решенијата за уредник на информативната редакција на МТВ, петтиот член на ад хок телото за следење на медиумите во предизборниот период и за методологијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
