Брисел бара итен договор и за последното прашање
Брисел го поздрави напредокот што вчера беше постигнат во преговорите во Пржино, но ги повика партиите итно да најдат решение и за последното отворено прашање.
„Го поздравуваме прогресот што партиите го направија за време на вчерашните разговори и ги охрабруваме итно да се договорат за преостанатото прашање, што може да се постигне со неопходна добра волја од сите страни“– изјави Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.
Преговори на претставниците на политичките партии вчера траеја со часови и завршија без конечен договор. Евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека договор не е постигнат само за едно прашање.
Ставовите на партиите се разидуваат околу надлежностите на министерот за внатрешни работи. Вчера било договорено преодната влада да има мандат од 100 дена и таа би функционална од август, ако изборите бидат до крајот на годината.
Засега не се знае кога преговорите ќе продолжат.
