Бренгелман : Македонија ќе стане земја членка на НАТО штом се донесе било какво решение за името
Македонија ќе стане земја членка на НАТО штом се донесе било какво решение за името, изјави помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, амбасадорот Дирк Бренгелман, по средбата со Министерот за надворешни работи Никола Попоски.
„Определбите на претставниците на НАТО опстојуваат во ставовите дека Република Македонија оние вредности што ги имала достигнато оценети на Самитот во Букурешт 2008 година успева да ги одржува на потребно ниво, а ја имаме и поддршката во сите напори што ги правиме во понатамошните ангажмани и потреби за дозаокружување на целосно реформирање на МО и на АРM, изјави минситерот за одбрана Талат Џафери по денешната средба со помошник-генералниот секретар на Алијансата за политички прашања и безбедносна политика Дирк Бренгелман.
На средбата Џафери го информирал Бренгелман за повеќе прашања меѓу кои за идејата за враќање на регрутниот систем, за исполнување на обврските од Охридскиот договор, за соработката на МО со медиумите, како и за надминување и исполнување на мартовскиот договор во врска со настаните од 24.декември.
Посебно бил истакант придонесот на Република Македонија во меѓународните мировни мисии ИСАФ, АЛТЕА и УНИФИЛ.
Амбасадорот Бренгелман ја предводи делегацијата на НАТО која е во редовна годишна посета на Македонија. Тој на средбите со државниот врв се запознава со прогресот на земјава во однос на имплементација на реформите кои се во насока за целосно интегрирање во Алијансата.
„Земјите членки на НАТО гледаат на политичкиот процес, тука го напоменавме процесот кој започна на први март. Во општи црти НАТО е најмногу зиантересирано за напредокот кој земјата го постигнува во веќе добро познатите полиња како владеењето на правото, правосудството и состојбата со медиумите, знаеме дека тука постoи една дебата поврзанa со медиумите која никако да престане. Воедно НАТО се залага за целосно имплементирање на Рамковниот договор и за развој на меѓунационалните односи, што е тешко, но е реално и остварливо“, рече Бренгелман.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски рече дека се уште не добиле одговор од грчка страна на писмото кое неодамна му го испрати премирот Никола Груевски, на неговиот колега Андонис Самарас. „Мислам дека преголема цена плаќаме од определно ниво на дефокусираност во грчкото политичко водство во однос на ненадминување на проблемот во услови во кои Македонија е блокирана на патот кон членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.“, изјави Попоски.
Македонија иако не е членка на НАТО, активно учествува во нејзините мисии во кризните подрачја. Денеска во Авганистан заминуваат 156 македонски војници.