Брендот Сковин никогаш не згасна, со нова енергија и нови производи во освојување на нови пазари
Реакција од ВинаријаСковин Група ДООЕЛ Скопје
На ден 28.12.2021 година, на порталот Фактор беше пласиран текст насловен како „Каков крај? „Сковин“ сам си отвори стечај!“, со поднаслов: „ „Сковин“ останува спомен за едно време во кое Скопје имаше свој вински гигант. Нејзиниот имот и брендовите беа продадени на четириесет годишницата од основањето на „Сковин“ во далечната 1979 година“.
Ваквиот наслов, како и содржината на самиот текст, кој беше непотполн, нејасен и не ја одразуваше реалната фактичка состојба, предизвика голем шок пред се кај нашите вработени и сите наши блиски соработници и создаде лоша репутација и недоверба кај нашите постоечки и потенцијални клиенти, продажни објекти, ресторани и хотели каде ги пласираме нашите производи, а предизвика и сериозна штета во деловното работење на Друштвото ВинаријаСковин Група ДООЕЛ Скопје.
Последиците од објавата на текстот со спорна содржина ги трпиме до денес, поради што менаџментот на Компанијата побара од порталот Фактор објавување на овој текст, чија цел е запознавање на пошироката јавност со вистинската слика, во надеж дека ќе се избегнат понатамошни негативни последици или барем ќе се ублажи настанатата ситуација.
Имено, скопската винарија СКОВИН, како капацитет за производство на 17 милиони литри вино, е основана во далечната 1979 година, продолжувајќи ја вековната традиција на производство на вино од Скопското виногорје. Низ историјата, самиот капацитет менувал општествени системи, организациона форма, сопственици, но и до ден денес важи за место каде што може да се најде автентично домашно вино.
Во 2001 винарија Сковин беше откупена од групата Фершпед АД, по што следеше период на интензивни инвестиции и опремување на винарија со најсовремена опрема и технологија, со што Сковин прерасна во современа винарија и се усоврши во преработката на грозјето. Во 2019 година, квалитетот и големиот потенцијал на овој вински гигант, го препозна сингапурската компанија Балкан Холдингс Пте. Лтд. и заедно со сингапурската фирма СИАК Пте. Лтд. донесоа одлука да го откупат целокупниот деловен потфат на Сковин АД Скопје, кој подразбираше производни капацитети за производство на вино, опрема за производство, движен и недвижен имот- објекти и земјиште, залихи на вино, лозови насади на околу 575 хектари земјоделско земјиште во Скопје и Кавадарци, како и препознатливите брендови на Сковин регистрирани како трговски марки.
Така, во текот на месец јули 2019 година, беше основана скопската фирма „ВИНАРИЈАСКОВИН ГРУПА“ ДООЕЛ преку која инвеститорите од Сингапур ја спроведоа целокупната трансакција за купопродажба на дејноста на СКОВИН АД Скопје, кое друштво е дел од групацијата на ФЕРШЕД АД Скопје. Во последните две години Сковин АД Скопје по продажбата на целокупниот бизнис престана да врши дејност на производство на вино, поради што акционерите и донесоа одлука за покренување на стечајна постапка за која сензационално се пишуваше по сите медиуми.
Сепак, дејноста на Винаријата Сковин продолжи под раководство на менаџерскиот тим на ВИНАРИЈАСКОВИН ГРУПА ДООЕЛ Скопје и во изминатите две ипол години од постоењето континуирано се работи на подобрување на квалитетот на производите, зголемување на асортиманот со нови производи и отворање на нови пазари особено на азискиот континент, со стремеж за достигнување на сјајот кој Винаријата го имаше во своите најдобри години. Винаријата Сковин (како производствен капацитет)и понатаму работи, произведува и продава производи на пазарот, достапни во сите помали продажни места и поголеми маркети, ресторани, кафулиња, хотели и е-продавници.“
