Брегзит го зголемува ризикот за светската економија
Британскиот глас за напуштање на Европската унија го зголемува ризикот за светската економија. Тоа го изјавија министрите за финансии од Г-20 во неделата за време на состанокот во Кина, пренесува AFP.
Резултатот од референдумот на 23 јуни во Велика Британија, „додава несигурност во глобалната економија", истакна Лу Дживеи, министер за финансии на Кина, која е домаќин на средбата.
Но, тој додаде дека земјите од ЕУ се решени „да преземат проактивни активности во врска со можните економски и финансиски последици кои произлегуваат од референдумот во Обединетото Кралство“.
Излегувањето на Британија од ЕУ нема да биде брзо. Можеби ќе потрае две години, но дотогаш се си останува по старо. Луѓето од други земји ќе продолжат да патуваат и се слободни да работат во Велика Британија, да бараат помош од британските социјални служби на ист начин како и британските граѓани. Ова го изјави пред БНР белгискиот еврокомесар за безбедност, социјални прашања, вештини и работната мобилност Маријан Тејсен. „Каков ќе биде резултатот од преговорите за заминувањето? Ова е прашање за сите нас, но треба да почекаме“, додаде таа.
Според неа единствениот пазар е една целина. „Неговата концепција е таква - слободно движење на работниците, слобода на давање услуги, слободата на движење на стоки и капитал, но тоа важи само за полноправни членки на ЕУ“, рече таа. „Кои ќе се идните односи со Велика Британија како трета страна надвор од Унијата, генерално зависи од преговорите. Многу е тешко отсега да кажам за што ќе се преговара“, изјави уште Таисен.
