Економија, финансии, бизнис

Контакт

Брат на поранешен висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ дел од сомнителната набавка во ЕЛЕМ

Брат на поранешен висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ дел од сомнителната набавка во ЕЛЕМ


Наташа Стојановска

Софтверот за кој државната компанија ЕЛЕМ платила 4 милиони евра, се уште не е комплетно ставен во функција. Тоа требаше да се случи пред четири години, но од ЕЛЕМ се правдаа дека поради сложеноста на системот мора да има  период на тестирање за да се види дали ги дава очекуваните резултати. Пред две години посочија дека тестирањето ќе трае една година, но, сега повторно се испоставува дека системот целосно не е функционален.

Но, токму оваа набавка сега ја истражува Специјалното јавно обвинителство. Се сомнева дека е направена штета на државата со тоа што иак системот не бил целосно изготвен, се плаќало за негово одржување, за што е потрошена сума од 450 илјади евра.

Но, освен ова, СЈО се сомнева и дека зделката ја добила фирма на која во втората фаза од преговарањето и било овозможено да се квалификува без комплетна документација.

КОНЗОРЦИУМ ОД ЧЕШКА ГО ДОБИЛ ТЕНДЕРОТ ВРЕДЕН 4 МИЛИОНИ ЕВРА

Тендерот за имплементацијата на САП системот во државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ, го добил конзорциумот предводен од чешката фирма „Нерас“. Во него членуваат уште две фирми од Бугарија , AP Concept Ltd и Adven Ltd, како и RSC River Soft Computers одМакедонија.

Од ЕЛЕМ потврдуваат дека во првата претквалификациска фаза, конзорциумот „Нерас“ бил на второ место, но потоа, во втората фаза, кога имало преговори конзорциумот „Нерас“ доаѓа на прво место и така го добива тендерот.

„Евалуацијата согласно утврдената методологија се одвиваше во повеќе фази. Првата ранг листа беше изработена врз основа на првичниот преглед на поднесените понуди. После спроведувањето на фазата на преговарање во која кандидатите имаа можност да извршат презентација на своите понуди, како и детална техничка и финансиска дискусија околу секоја понуда со соодветниот понудувач, се пристапи кон финална евалуација на понудите, од што произлезе и финалната, единствено меродавна, официјална ранг листа“, велат од ЕЛЕМ.

Од ЕЛЕМ додаваат дека за време на одвоените состаноци за преговори околу цената, понудувачите ги доставилефиналните понуди со преговараните цени, по што „Нерас“ бил избран за најповолен понудувач.

„Евалуацијата на сите технички и финансиски понуди беше координирана од консултантот, според претходно определените правила во RFP, на основа на најдобрата меѓународно прифатена методологија.По целосно извршена евалуација, изработен е Финален евалуациски извештај со предлог за избор. Врз основа на Финалниот евалуациски извештај со предлог за избор, донесена е и Одлуката за избор на најповолна понуда. По донесената Одлука, испратени се известувања за извршениот избор до сите понудувачи, велат од ЕЛЕМ

Иако постоеја информации дека консултантот сепак дал две различни препокарки околу изборот на победникот на тендерот, од ЕЛЕМ тоа го негираат.  

„Во финалниот евалуационен извештај има само една препорака од консултантот, тврдат од ЕЛЕМ.

Но, од државвната енергетска компанија признаваат дека избрана е најскапата понуда на тендерот, затоа што станувало збор за специфична набавка. „Во случајот, со оглед на специфичноста на набавката, цената не е единствен критериум за избор на најповолна понуда. При евалуацијата на основа на најдобрата меѓународно прифатена методологија, користени се критериумите и тежинските фактори објавени во RFP (Request for proposals) во согласност со препораките на Законот за јавни набавки. Изборот во тендерската постапка е извршен на основа на финална техничка понуда и финалната понуда со преговарана цена кои се евалуирани како економски најповолна понуда за АД ЕЛЕМ (со најголем број на поени како збир на поените за секој елемент на критериумите), велат од ЕЛЕМ.

СДСМ ВО БОМБИТЕ ОБЈАВИ РАЗГОВОР ЗА НАБАВКАТА НА СОФТВЕРОТ

СДСМ во една од бомбите (34) објави разговор помеѓу екс премиерот Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Владимир Чинговски. Тврдеа дека зборуваат за мешана, чешко –бугарска – македонска фирма, а го спомнуваат и братот на поранешната министерка за полиција, Гордана Јанкуловска.

„НГ: Дали е точно дека ти на овие за софтверот си им рекол да дадат уште 350?

ВЧ: Не е точно. Тие дојдоа кај мене со понуда…

НГ: На тој Жарко што вади пиштол, и ако добро разбрав на братот на Горде.

ВЧ: Не, не, не, не. Не, не. Само ги мешаат…

НГ: И тоа директно таму, од тие Чеси ли се, што ли се…ти си барал уште 350, ти лично.

ВЧ: Не, не, не. Значи…

НГ: На овој пиштолџијата и на братот на Горде, ама за ова не сум сигурен второто, уште еднаш треба да препрашам.

ВЧ: Не, не. Значи беше кај мене и тој другиот. Бугаринот беше кај мене, што ми пративте порака преку Ленче. Разговарав јас и со Чехот. Значи тој Бугаринот сега вика, не се 600 кај што треба да завршам работа, туку се 950“. 

Слично

Поврзани вести