Бранот бегалци притиска на јужната граница, како да се менаџира проблемот?!
Не стивнува бранот на бегалци на јужната граница. Во земјава дневно влегуваат по 2 до 3 000 лица од воените жаришта од Сирија, Ирак и Авганистан чија крајна дестинација најчесто се западно-европските земји. Македонија е ставена пред еден од најголемите предизвици –како да го менаџира овој комплексен социјален, економско -хуманитарен но и безбедносен проблем?!
Експертите велат дека земјава треба сериозно да се соочи со бегалскиот проблем преку активно мобилизирање на ресурсите на терен, но и преку долгорочна стратегија и акционен план за справување на политичко, економско и социјално ниво.
Развивање на компатибилна мигрантска политика и политика на интеграција на мигрантите се смета за неопходна, преку развивање на институционални механизми за интергација на имигрантите, но и организрано управување со истите-вели за Фактор, професорката Аница Драговиќ, продекан за меѓународна соработка на Филозофскиот факултет и експерт за статистика и демографија.
“Низ земјава дневно транзитираат најмалку 3000 лица кои се присилени да бегаат од своите татковини, од различни причини. За нив Македонија е една од дестинациите на патот кон Европа. Во основа имигрантите кои го следаат легалниот пат се под контрола на државата, но она што може да претставувa проблем се лицата кои ги користат нелегалните форми на премин на патот кон Европа. Тие лица се потенцијална закана за самите себе, но и за околината низ која транзитираат, пред и се во безбедносен контекст. Она што сакам да истакнам тое е дека присилните миграци претставуваат предизвик за нашата држава, а многу помалку закана. Предизвик, на тие лица да им обезбеди сигурни и легални канали за транзитирање низ земјата и да им се обезбеди соодветен третман како на бегалец или присилен емигрант или лице кое бара азил”-вели професорката Аница Драговиќ.
Доколку лицата кои спаѓаат во категоријата присилни мигранти останат на својот пат кон Европа во нашата држава, тогаш треба да се очекува менување демографската слика во земјава, како во однос на бројот така и во однос на структурата, додава професорката Драговиќ. Оттука ситуацијата со мигрантите станува коплексен проблем кој треба да се разгледува и да се следи будно од домашната и од целата европска и светска јавност.
“Република Македонија од своето осамостојување се соочувала и се уште се соочува со многу големи предизвици, меѓу кои се и присилните миграции, раселените лица, лица кои бараат азил и сл. Согласно искуството кое земјава го имала со присилните миграции, воглавно како земја преку која тразнзитираат, или во земја во која привремено престојуваат или во земја која барааат азил може слободно да се каже дека македонските власти имаат големо искуство со присилните миграции и пружање на хуманитарна помош. Усвоената Стратегија за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија 2008 – 2015, ги има опфатено критичните области на интеграцијата, како што се домување и сместување, вработување и стручно усовршување, здравствена заштита, образование, социјална заштита како и институционалните механизми за програмирање на интеграцијата. Во таа смисла почитување и развивање на усвоениот пристап во спомната стратегија и во иднина е неопходен. Иако денес во земјава нема некоја поголема заедница на имигранти, но не е исклучено дека во иднината актуелнава ситуација нема да се измени. Во таа смисла развивање на институционални механизми за интергација на имигрантите, но и организирано управување со истите се итно потребни”-нагласува проф. Драговиќ.
За актуелната состојба со мигрантите експертите порачуваат дека е неопходна ефикасна комуникација меѓу безбедносните структури во државата координирана со Колективниот европски систем на безбедност бидејќи Македонија како транзитен регион игра многу важна улога во стабилноста на Европа. Оттука како суверена држава треба да има сопствена стратегија во заштита на своите интереси и безбедност во согласност со европската политика.
С.Б
Слично
