БРАНКО ГРЕГАНОВИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВЕН ОДБОР НА НЛБ БАНКА: Годинава очекувам пониска инфлација и зголемен раст на економијата
Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, крајот на оваа година традиционално го одбележуваме со серија обраќања на познати бизнисмени, банкари, претприемачи, директори на компании, брокери, или со еден збор сите релевантни чинители од домашната деловната заедница.
Неизвесноста која се наметна со пандемијата, продолжи низ годините, сега, пак, најмногу изразена преку високите цени на енергенсите и инфлацијата. Фактор во деновите пред и после Новата година со читателите ги споделува обраќањата на првите луѓе на најуспешните компании, фондови, консултанстки друштва...
Денеска ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата Бранко Грегановиќ, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка Скопје.
Како главни предизвици во банкарската индустрија изминатата година би ги издвоил поддршката на клиентите во услови на влошен макроекономски амбиент и забрзано усвојување на новата и современа технологија, која се наметна како нужност со пандемијата.
Примената на иновациите ги зголеми очекувањата на клиентите за што пософистицирано корисничко искуство. За современиот потрошувач, автономијата, брзината и доверливоста на банкарските услуги се од суштинско значење. Ваквите предизвици со кои се соочивме во 2022, не натераа да размислуваме „надвор од кутијата“ и да најдеме и примениме дигитални решенија кои ќе го дефинираат банкарското работење во блиска иднина. Сето ова верувам и беше една од причините што ја освоивме и 11тата по ред The Banker награда, една од најпрестижните награди во финансискиот сектор. Имаме посветен и експертски тим со кој можеме да се гордееме, но и очигледно да освојува и оправда значајни интернационални награди!
Очекувања за наредната година
Во годината која следи продолжуваме со засилена имплементација на иновативни и дигитални финансиски решенија, но и фокус кон производи и услуги кои се во служба на одржливиот развој. Одржливото банкарство e важен сегмент и стратешка определба на целата НЛБ Групација чиј фокус е регионот на Југоисточна Европа. Тоа подразбира стратешко планирање и извршување на банкарските операции и деловни активности притоа земајќи го предвид влијанието врз животната средина и општеството воопшто.
Во однос на Северна Македонија, се надевам дека 2023 година ќе донесе поголема стабилизација на макроекономски план, со намалување на нивото на инфлација и зголемен раст на економијата. Донесените мерки за намалување на инфлацијата, како и мерки за справување со енергетските и ценовните шокови, беа добар чекор поради што можеме да имаме позитивни очекувања за 2023 година. Во прилог на ова одат и преговорите за пристапување кон Европската Унија, кои не очекуваат во 2023, што дефинитивно ќе биде позитивен сигнал за развој на бизнисите и зголемени инвестиции на домашните компании.
Верувам во примена на долгорочни вредности
На личен план очекувам благосостојба и многу здравје за сите нас, се надевам ќе извлечеме корисни поуки од лекциите кои ни ги сервираа последните неколку години. Верувам во примена на долгорочни вредности бидејќи само тие можат да му овозможат на човештвото прогрес и просперитет. Нека ни е среќна новата 2023!
