Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бранко Азески со СКМ оди на Евроазискиот економски самит

Бранко Азески со СКМ оди на Евроазискиот економски самит

Делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески,  на 11 и 12 април 2018 година, ќе земе учество на 21-от Евроазиски економски самит, којшто ќе се одржи во Истанбул, Р. Турција. Евроазискиот економски самит, кој е организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања „Мармара Груп“, има за цел да придонесува за зајакнување на економските врски помеѓу Европската унија и земјите од Централна Азија, Кавказ, Балкан и Блискиот Исток. На Самитот ќе учествуваат претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, како и голем број претседатели, поранешни и сегашни министри, амбасадори, стопанственици и претставници од науката. На Самитот ќе бидат опфатени следните теми: „Технологијата наспроти политиката“; „Паметни градови“; „Климатски промени“ и „Жени кои го менуваат светот“.

Десетчлената делегација на стопанственици за време на престојот во Истанбул ќе оствари и работна средба со раководството на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ) и со стопанственици од Турција.

Унијата на комори и берзи на Турција (TOBB -Türkiye Odalar ve Borsalar Birliği) е главниот репрезент на приватниот сектор во Турција. ТОББ денес брои вкупно 365 членки, меѓу кои се регионални комори на трговија, комори на индустрија, комори на поморски транспорт и берзи. Во ТОББ членуваат повеќе од 1,5 милиони компании. Професионалната поставеност на ТОББ има за цел да дава поддршка на бизнисите на национално ниво во Турција, како и помош при интернационализацијата на турските компании. Претседател на ТОББ од 2002 година е Рифат Хисарџиклиолу, а од 2009 е потпретседател и на EUROCHAMBERS со седиште во Брисел.

Вкупната трговска размена помеѓу Република Македонија и Република Турција во 2017 година достигна 455,8 милиони американски долари, со пораст од 8,55% во однос на 2016 година. Македонскиот извоз во 2017 година достигна 88,6 милиони американски долари, со раст од 25,3% во споредба со 2016 година, додека пак увозот од Турција во 2017 изнесува 367,2 милиони американски долари, со пораст од 5,2% споредено со 2016 година. Се забележува тековен дефицит на македонска страна, којшто во 2017 година изнесува 278,5 американски милиони долари, а исто толку и во 2016 година. Во 2017 година Турција е 8-ми трговски партнер на РМ, како и во 2016 година. Во македонскиот извоз најмногу доминираат производите од металургијата, електрониката, текстилната индустрија и градежни материјали, додека во увозот најмногу доминираат производи од текстилната индустрија и трајните производи за широка потрошувачка.


Слично

Поврзани вести