„БРАЌА МАНАКИ“: Жулиет Бинош воодушевена од македонските икони
Оскаровката Жулиет Бинош, најголемата ѕвезда на фестивалот на филма камера „Браќа Манаки“ годинава, од вчера е во Македонија. Таа доаѓа во земјава во екот на светската премиера на нејзиниот филм „Облаците на Силс Марија“ и додека истовремено работи на уште четири нови проекти.
За време на престојот во Македонија, таа посака да ги види античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, но и Охрид. На Бинош исклучително ѝ се допаѓа природата во Македонија, но е восхитена од античките и од средновековните локалитети, информираат од организацијата на фестивалот.
Во текот на денешната екскурзија во Охрид ги разгледа црквата „Св Богородица Перивлепта“, Канео и Плаошник. Во галеријата на икони во музејскиот комплекс на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, Жулиет Бинош, која е сестран уметник, и самата слика, остана цел час и беше толку восхитена што се задржа многу повеќе од предвиденото.
„Ова се вистински ремек дела!“, рече Бинош воодушевено.
Таа, за време на својот престој во Македонија, сака сè да види и сè да вкуси. По излетот во Охрид, во Битола се вратила насмеана и расположена.
Вчера вечер, иако изморена од патот, опуштено седела на терасата на „Епинал“, на вечерата на која беа и оскаровецот Крис Менџис со сопругата и дел од тимот на фестивалот. Познатата актерка побара да проба македонски специјалитети, кои многу ѝ допаднале. Таа го особено го пофалила гравчето, јадела мезиња, пити и други македонски традиционални јадења, проба и ракија за која рече дека ја освежила по долгото патување.
На излетот во Охрид, Бинош е комотно облечена, а за цело време е без шминка. Затоа нејзиниот ПР тим не дозволува таа да се фотографира пред да дојде на црвениот килим.
Слично
