Бошковска-Јанковски: Бизнис-регистрите придонесуваат за отворање на пазарот и прилив на инвестиции
За два дена, почнувајќи од недела па до четврток, Централниот регистар ќе биде домаќин на многу голем интернационален настан – 16. годишна конференција на Форумот за бизнис регистри од светот. Станува збор за за Форум во кој членуваат голем број истородни јурисдикции од светот за регистрација на бизнис, меѓу кои и највисокоразвиените во светски рамки. Директорката на Централниот регистар на Северна Македонија, Марија Бошковска – Јанковски, вели дека за институцијата со која раководи е огромна чест што е избрана да биде домаќин на ваков голем настан.
- Форумот за корпоративни регистри е асоцијација на меѓународни бизнис регистри. Целта на форумот е да им обезбеди на членовите и сите делегати од оваа сфера, можност да ги разгледаат најновите случувања во корпоративните деловни регистри на меѓународно ниво и да разменуваат искуства и информации за сегашното и идното функционирање на корпоративните системи за регистрација на бизнис.Делегатите на овој Форум првпат се состанале во Окленд во 2003 година, а Нов Зеланд е првата земја домаќин.Горди сме што на Централниот регистар му беше доверено оваа година да биде домаќин и што како институција се вбројува во најстабилните и најуспешните институции за регистрирање на бизниси. Интересен е фактот што се регистрираа огромен број на делегати - претставници од целиот свет за да споделат и да разговараат за знаење и искуства во рамките на општата тема "Трансформирање на бизнис регистрите во поттикнувачи на меѓународната соработка и трговија" - објаснуваБошковска – Јанковски.
Од какво значење е тоа што нашата земја и Централниот регистар се избрани за домаќини на ваков настан меѓу сите останати земји во светот? Што очекувате од оваа конференција?
- Како резултат на интензивната афирмација на Централниот регистар на меѓународно ниво, институцијата отвори нова страница во своето функционирање. Надоврзувајќи се на владините проекти за развивањето на добрососедските односи, развојот на екомонските и трговски врски во регионот и активно промовирање на земјата како поволна дестинација за инвестиции, Централниот регистар се вброи меѓу најуспешните институции.Петдневниот Форум ни носи уште поголема промоција не само на институцијата – домаќин, туку и на земјата, а со тоа и отворање на македонскиот пазар и развој на капитални инвестиции како еден од основите услови за поттикнување на растот и развојот на нашето стопанство. Ме радува големиот интерес за Форумот во светски размери, а убедена сум дека темите кои ќе бидат разработени во осумте работни сесии ќе привлечат огромно внимание помеѓу делегатите, ќе се развијат конструктивни панел дискусии и ќе се донесат плодни заклучоци. Од оваа 16. конференција на Форумот очекувам, пред сѐ, задоволни делегати, задоволство од споделеното знаење, најдобри практики и искуства, топол престој во земјава и континуитет во одржување на добрите меѓуинституционални односи.
Кон крајот на минатата година го најавивте Регистарот на вистински сопственици кој предизвика голем интерес. Зошто е толку важен овој Регистар?
- Имплементацијата на овој Регистар предизвика навистина голем интерес во пошироката јавност. Воведувањето на регистарот е обврска од новиот Закон за спречување на перење на пари и финансирање тероризам, согласно кој Централниот регистар е обврзан да го воспостави и да го води Регистарот. Централниот регистар ќе ја има обврската да ги впише вистинските сопственици на правните субјекти, односно при иницијалната регистрација во рок од осум дена самите управители се должни да пријават кое физичко лице е краен сопственик на тој субјект, без разлика колку правни лица се јавуваат во синџирот на сопственици. Ваквата обврска за пријавување ќе важи и за веќе регистираните и постојните сопственици на фирми. Воспоставувањето на регистарот ќе даде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар, но и алатка во борбата со перење на пари и финансирање тероризам. Јас во неколку прилики напоменав дека законската обврска на субјектите од финансискиот пазар (банки, штедилници, финансиски институции, осигурителни компании и други) е редовно да ги ажурираат податоците за своите клинети по однос на вистинските сопственици. Уписот во регистарот ќе биде бесплатен, а информации за вистинските сопственици може да ги побара секој за определен надомест.
Ги привршувате ли подготовките за неговото воведување?
- Регистарот е значаен од два аспекта. Прво е запазување на начелото на транспарентност во правниот промет, односно секој да знае со кого стапува во некаков однос, а вториот аспект е целосно усогласување со прописите на ЕУ за спречување на перење пари. Правните акти се изготвени, во моментов сме во фаза на затворање на спецификацијата за изготвување на софтверското решение и очекувам Регистарот да биде пуштен во употреба до последниот квартал на оваа година. Се работи за комплексно решение кое ги поврзува Централниот регистар, како носител на регистарот на вистински сопственици, Управата за финансиско разузнавање, како надлежен орган, сите финансиски институции во земјата, како и сите субјекти кои се должни да учествуваат во спречувањето на перење пари. За овој проект имаме финансиска поддршка од Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ), а на самите почетоци експертска помош добивме и од Советот на Европа.
Бизнис-заедницата ја израдува пуштањето во онлајн употреба на Регионалниот бизнис регистар за Западен Балкан. Може ли подетално да објасните за каков регистар станува збор?
- Од огромно значење за бизнис заедницата во регионот, а и пошироко, е пуштањето во онлајн употреба на Регионалниот бизнис регистар за Западен Балкан (BIFIDEX) https://www.bifidex.com/mk/home, кој на инвеститорите ќе им обезбеди транспарентни и лесно пристапни информации за локалните компании. BIFIDEX (Business and Financial Data Exchange) е платформа за испорака на услуги на Регионалниот портал на деловни регистри. Платформата нуди услуги кои се креирани од податоци преземени од директно поврзани официјални регистри во регионот, без никакви посредници. Тоа му овозможува на Регионалниот портал на деловни регистри да биде лидер на пазарот за аналитика на податоци во Југоисточна Европа, нудејќи ажурирани информации, комбинирајќи широк опфат на податоци и детални прегледи на цели индустрии со нивна меѓудржавна споредба, уважувајќи ја конверзијата во различни јазици и валути. Основните пребарувања на правни и физички лица се бесплатни, за да можете да го пронајдете субјектот за кого сакате да видите подетални услуги. Услуги на правен статус и работење на правни лица, услуги на статус и поврзаност на физички лица и услуги на меѓукомпаниска и секторска аналитика се податоци и услуги кои порталот ги нуди во моментот со намера на брзо зголемување на портфолиото и опфатот на податоци. Базата на податоци вклучува над 500.000 компании и нуди информации за сопственикот на компанијата, нејзиното управување, финансиските извештаи, измените во организацијата и слично. На овој начин, на сите заинтересирани страни ќе им се овозможи да пребаруваат информации за активните компании во определен сектор, географска локација или други критериуми. Во моментов порталот е поврзан со официјалните регистри во Република Србија и Република Северна Македонија, но наскоро ќе се поврзе со уште неколку други извори на податоци и регистри од регионот.
Кои други новини ќе се имплементираат во работењето на Централниот регистар во следниот период?
- Тука би ги споменала заедничката платформа за отпочнување бизнис како технолошка интеграција со стандардизирана размена на податоци помеѓу Централниот регистар, Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување. Преку единствениот електронски интерфејси системска инфраструктура ќе се управува со започнување на животен циклус на правниот субјект. Потоа регистарот на обезбедени трансакции кој треба да даде нов квалитет во пристапот кон кредитирање на малите и средни претпријатија. Со нив под единствен режим треба да се обединат постојните регистри за залог, лизинг, фидуција и продажба со задржување на правото на сопственост, но и поедноставување на постапката за пристап до кредитирање. И низа други проекти кои се планирани во Развојната Стратегија на Централниот регистар.
