Босанското село Крушев објави оглас за невести
Селото Крушев кое се наоѓа во БИХ, во близина на Сребреница, кое се нарекува и „село на ергени“, објави конкурс за невести, јави радиото „Слободна Европа“.
Во минатото во Крушев имало околу 400 жители, но сега таму живеат само триесетина бегалци-повратници, од кои повеќето мажи.
„Жените се поретко се враќаат овде. Имаме 13 или 14 ергени. А и оние кои се женети, ги сметаме за ергени затоа што нивните сопруги не се со нив“- изјави за радиото Заим Омеровиќ, еден од селските ергени.
Омеровиќ вели дека меѓу условите што треба да ги исполнуваат кандидатките за невести се да знаат да готват и да чистат.
За да не живеат сами ергените објавија конкурс за невести.
Жителите на ова село се иселиле во Хрватска или во Германија.
Населението во овој крај се занимава со сточарство.
