Економија, финансии, бизнис

Контакт

БОСАНЦИТЕ ПЕКААТ ЗА ТУРИСТИТЕ ОД БЛИСКИОТ ИСТОК: Што е со Македонија?

БОСАНЦИТЕ ПЕКААТ ЗА ТУРИСТИТЕ ОД БЛИСКИОТ ИСТОК: Што е со Македонија?

Босанците веќе потврдија дека поради војната на Блискиот Исток и поради тоа што туристите од тие земји нема да дојдат, ќе трпат штети, но во Македонија ситуацијата е поинаква. Во земјава немало некој голем прилив на гости од земјите од Блискиот Исток. Кај нас најчести посетители се Турците, туристите од соседството, има солидна бројка на германски, полски, холандски туристи, но од Блискиот Исток и немало многу посети. Ако кризата на Блискиот Исток потрае, се смета дека тоа општо ќе влијае на туристичките текови. Во тој случај, тоа ќе претставува проблем и за нашата земја.

„Директно од тие земји не ни влијае, туку може индиректно да влијае на целокупната ситуација поради војната, да не доаѓаат и други државјани од други места, затоа што се појавуваат скокови на цената на нафтата, на инфлацијата, а прво нешто од што луѓето ќе се откажат е лускуз, а луксуз е туризмот. Засега е рано да се каже, да се даде прогноза. Ќе видиме попрецизно во следните месеци како ќе се одвиваат работите“, вели Крсте Блажески од ХОТАМ.

Во јануари 2025 година, во Македонија дошле 131 турист од Израел и тие реализирале 252 ноќевања. Од други азиски земји тој месец се регистрирани вкупно 533 туристи, кои реализирале 2.262 ноќевања. Ова се податоци од Државниот завод за статистика(ДЗС).


Ако споредиме со јули месец лани, во земјава имало 941 турист од Израел и тие реализирале 2.992 ноќевања. Во јули 2025 година, од другите азиски земји допатувале 1.122 туристи, кои оствариле 2.199 ноќевања.


Ако се вратиме наназад во септември 2024 година, бројките покажуваат дека од Израел сме имале 980 гости, кои реализирале 2.768 ноќевања. Тој месец од другите азиски земји имало 1.215 посетители кои оствариле 2.369 ноќевања.

Но, ако гледаме по градови, во декември лани во Охрид дошле само 11 туристи од Израел. Бројот на ноќевања што тие ги реализирале е исто 11. Истиот месец од другите азиски земји во Охрид дошле 182 туристи, кои реализирале 228 ноќевања.

Што се однесува до состојбата во Босна и Херцеговина(БиХ), претседателот на Туристичката заедница на Сараевскиот кантон, Харис Фазлагиќ, изјави дека сите летови што го поврзуваат Сараево со земјите од Заливот се откажани, што директно влијае на пристигнувањата на туристите. Тие веќе преземаат мерки да привлечат гости од регионот и од европските земји, за оваа година да не им пропадне. Во БиХ, после Хрватите, Србите и Турците, на четврто место по број на ноќевања лани беа Саудијците.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести