Борисов: На земјите од регионот им претстои тешка и напорна работа за членство во ЕУ
Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Сараево изјави дека на БиХ, но и на другите држави од регионот, им претстои тешка и напорна работа за членство во Унијата.
Tој вели дека политичките елити на земјите од Западен Балкан треба претходно да ги решат споровите со другите држави од регионот за да бидат примени во ЕУ.
„Треба да и покажеме на Европа дека гледаме во иднината, дека сме паметни и работливи, затоа што ЕУ исто така има проблеми“- вели Борисов.
Борисов нагласи дека земјите од регионот имаат вистинска шанса за членство, затоа што по Бугарија, со Унијата ќе претседаваат Австрија, па Романија, држави кои можат да влијаат на процесот на евроинтеграции.
Според бугарскиот премиер, важен знак за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е тоа што лидерите од регионот се поканети на средбата на врвот со Унијата на 17 мај 2018 година во Софија.
