Економија, финансии, бизнис

Контакт

БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ: Да застанеме во интерес на иднината, законот не смее да помине!

БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ: Да застанеме во интерес на иднината, законот не смее да помине!
Новите предложени измени на Законот за високо образование кои се наоѓаат во собраниска процедура  и предвидуваат драконски казни за факултетите и деканите доколку издадат диплома без положен државен испит се депласирани и нонсенс-вели за Фактор,  Борче Давитковски-декан на Правниот факултет “Јустинијан Први”. Според него,  секаде во светот државниот испит се полага по завршувањето на студиите, такашто предвидените глоби за нешто што сеуште не е верификувано со диплома,  во крајна мерка се депласирани  и далеку од мерка за подобрување на квалитетот во високото образование. “Кривичната одговорност во сите земји освен во Република Македонија (Закон за јавни набавки,Закон за општа управна постапк, Закон за високо образование  и многу други) се регулира  со соодветни Кривични закони, такашто и за ова ќе бидеме уникатни во светот. Кривичната одговорност за Деканот и Ректорот ќе се остварува на ист начин како и кривичната одговорност за министрите доколку не решат во определениот рок во управна постапка- таканаречено молчење на администрацијата, значи  усвојување на барањето,  одредба која  од 2010 -та година до денес во ниеден предмет не се применила. Значи ова се одредби кои пред се имаат психолошки ефект доколку некој Декан се дрзне да не ги почитува “новите” одредби од Законот за високо образование”-вели деканот Давитковски. Со казни и глоби, нагласува, нема да се подигне нивото на квалитет во високото образование: Ова вели проф. Давитковски може да се направи  само со примена на постоечките прописи,  според кои оној којшто е акредитиран, а работи спротивно на решението за акредитација, треба да ги сноси санкциите,  што би значело истото да му се укине и понатаму да не се занимава со високообразовна дејност. “Наместо да се постапи согласно важечките прописи, се предлага Закон со кој сите ќе бидеме казнети со таканаречен државен испит иако совесно и законски си ги исполнуваме нашите обврски согласно Законот и актите на Министерството за образование и наука”-додава деканот Давитковски. Вработените на Правниот факултет, потенцира деканот,  досега на два наврати,  како за концептот така и за предлог Законот,  негативно се изразиле  за сите членови по истиот. Професорите инсистираат конечно после 14 измени  да се донесе еден конзистентен Закон за високо образование. Тие бараат нов закон  со кој ќе се опфатат сите аспекти на проблемите на давателите на услугите-високообразовните институции, како и на корисниците на услугите-студентите, но потенцираат,  и на интересите на Владата за “заштита”  на едните и другите!? “Јавноста треба да оцени дали овие измени се во интерес на развојот и унапредувањето на високото образование во Македонија. Мислам дека овде се работи за принципи, за положбата на високото образование, неговата иднина и пред се сообразност со европскиот образовен простор. Веќе е очигледно дека Болоњскиот модел се напушта и затоа треба сите чинители, студенти, професори, Влада, интелектуалци да бидат  чуени околу своите размислувања  и предлози. Несакам да  се политизира една јавна служба во дневно политички цели и интереси, но конечно треба  да се застане во интерес на образованието и на иднината-резимира првиот човек на Правниот факултет, Борче Давитковски. Предлог мерката на надлежните која од првичните најави за воведување на државен испит за студентите, стигна до парични и затворски казни за деканите и клуч за високообразовните институции кои нема да го спроведат новото законско решение, според голем дел од академската заедница е против уставна и целосно ја руши универзитетската автономија. Со овие предлог мерки кои се поизвесно е дека ќе добијат зелено светло во Собранието,  според професорите само се потврдува дека  веќе постоечките законски прописи, Статутот на УКИМ и другите акти кои постоеја  како механизам за проверка се напуштаат и се воведуваат нови  мерки  на штета на студентите и професорите. Досега најголемиот број факултети веќе го одбија овој предлог на Власта  кој е дел од новиот пакет реформи. Но сепак, утре во Собранието, на Комисијата за образование, наука и спорт ќе се одржи првото читање на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование. Група професори веќе писмено  побараа учество на претставници на академската заедница и на Студентскиот пленум на расправата на матичната комисија,  на која очекуваат да бидат слушнати нивните ставови и аргументи. С.Б.
Слично

Поврзани вести