Економија, финансии, бизнис

Контакт

Борче Давитковски: Ако Владата не попуштеше, постоеше опасност да се блокира работата на Универзитетите!

Борче Давитковски: Ако Владата не попуштеше, постоеше опасност да се блокира работата на Универзитетите!
Постигнатиот договор помеѓу Владата, професорите и студентите за одложување на државниот испит и останатите спорни одредби на Законот за високо образование се логичен и потребен чекор со кој  се добива време  заедно со Министерството за образование и наука да се  подготви целосно нов текст на Законот за да се надминат актуелните проблеми кои можеа да настанат доколку овие измени на Законот се имплементираа-вели за Фактор, Борче Давитковски- декан на правниот Факултет “Јустинијан Први”, кој беше и дел од работната група на средбата. Според него, со ваквото решение се увиде неспроведливоста на актуелниот  Закон, а со донесувањето на сосема ново законско решение, вели,  ќе се направи обид  да се  спроведе вистинска реформа во сферата на високото образование. “ Состанокот  беше по иницијатива –писмо од Ректорот на УКИМ, со кое се бараше средба заради расчистување на определени норми кои се неприменливи во секојдневната имплементација на Законот за високо образование. Со донесувањето на одлуката за која се очекува да следи итна измена на Законот за една година за државниот испит, а одредбите за избори на професорите за две години,  мислам дека имаме  време заедно со Министерството за образование и наука да подготвиме целосно нов текст на Законот за високо образование со кој ќе се надминат актуелните проблеми кои можеа да настанат доколку овие измени на Законот се имплементираа”-вели проф. Давитковски. ОВА Е ЕДНО ОД НАЈДОБРИТЕ РЕШЕНИЈА Тој вели дека сака да верува  во искреноста на сите актери кои беа присутни  на средбата  во Владата и во нивните намери дека се залагаат за вистински реформи во високото образование. Студентите, професорите, универзитетите како  и надлежните служби во Министерството, нагласува, мора да се вклучат во целиот процес,  од креирање - до носење на новиот Закон. “Доколку не се одложеше примената на овој Закон, постоеше опасност да се блокира работата на Универзитетите, да нема време да се усогласат наставните програми, а со тоа и да не може да се спроведе уписот во наредната учебна година. Сепак според мене ова е едно од најдобрите решенија, а со екипирање на сите чинители како што споменав, се надевам дека до крајот на годината ќе добиеме сосема нов Закон за високо образование кој ќе ја одразува, барем така лично се надевам, вистинската реформа во високото образование”-смета проф. Давитковски. Одложувањето на државниот испит како и одредбите за  обврска на професорите за објавување трудови во научни списанија со импакт-фактор, начинот за избор во звања, како и измената на кредит-трансфер системот од 300 на 360 кредити за кои се водеа бурни расправи, го поздравија и студентите кои беа дел од средбата. Но, веднаш по објавувањето на взаемно прифатливите решенија од  двете страни, почнаа и првите реакции на дел од студентите кои се  незадоволни  од донесените одлуки, за кои овој чекор е само првичен предлог од надлежните, а не конкретно решение. СЕ НАДЕВАМ НА ВИСТИНСКА РЕФОРМА Сепак, според деканот на Правниот факултет, студентите и професорите треба да бидат активни чинители во креирањето на новите законски решенија, со аргументирани ставови и анализи, кои во иднина истите треба да ги презентираат во дискусијата, која треба да се води на ниво на работни групи за подобрување на квалитетот на високото образование. “Мислам дека со ваквото решение се увиде неспроведливоста на Законот, а со донесувањето на сосема нов Закон ќе се обидеме да спроведеме вистинска реформа во сферата на високото образование, што во крајна линија е интенција како на Владата така и на професорите и студентите кои се најповикани да учествуваат во имплементирањето на реформите во високото образование. Немам впечаток, барем од присуството на присутните студенти дека се незадоволни од ваквото решение и се надевам дека исто како со нив и професорите ќе се вклучат во подготовка на сосема  нов  Закон за високо образование, во кој со аргументи ќе се обидеме да ги имплементираме во норма најдобрите европски практики од сферата на високо образовниот процес”-потенцира проф. Давитковски. Денешниот состанок според него, не  треба  да се поврзува со актуелната политичка ситуација, туку во аргументите на УКИМ за неспроведливоста на низа одредби од веќе донесениот Закон. Иако Владата и ресорното министерство досега неколку пати избегнаа  отворена дебата со студентите и професорите, овој пат се огласија веднаш по средбата, преку соопштение, во кое изразија отвореност и подготвеност за продолжување на дијалогот  низ еден поширок, транспарентен и инклузивен процес. Дополнително, надлежните порачуваат  целиот процес да се води заедно со релевантните чинители и заеднички да се работи на градење на квалитетен систем на високо образование. Според  договореното,  државниот испит на факултетите наместо од 2017-та  треба да се применува од 2018-та година, а сите останати набрзина изгласани промени во Законот за високо образование, треба да се најдат  на дневен ред веќе на следната седница на Владата, којашто до Собранието треба да  испрати Предлог- одредба со која се одложува нивната примена. С.Б.
Слично

Поврзани вести