БОРБАТА ПРОДОЛЖУВА: Средношколците излегуваат на улица за подобро образование!
И покрај притисоците на директорите средношколците во текот на денешниот ден ќе одржат мирен марш за кој велат дека е наднационален, надетнички, надрелигиски, непартиски.
Стартот е 12:30 часот од пред Фонтаната на Градскиот парк во Скопје а крајна дестинација е Министерството за образование.
Најавата за нов протестен марш на учениците според нив е уште една силна порака дека тие нема да запрат во намерата да се изборат за подобро образование за сите, оти тие се луѓето кои допрва ќе ја градат оваа земја и ќе создаваат вредности. Тие како што нагласуваат од Пленумот, се свесни дека превртениот систем на вреднување на ниво на поединец, набрзо ќе стане превртен систем на вредности на колективно ниво, а тогаш веќе стануваме општество на погрешни вредности.
“Надлежните овој чекор на средношколците треба да го разберат како последен аларм за менување на состојбите кон подобро, а тоа подразбира прогласување Мораториум на законите за образование, отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите засегнати од процесот на образование, но и стручната јавност, како и граѓанскиот сектор и економските субјекти. Потребно е итно градење на Национална стратегија за развој на образованието во наредните 10 години. Дури тогаш можеме да пријдеме кон изработка на нови законски решенија и еднаш за долго време да создадеме закони коио ќе бидат имплементирани во училницата и ќе дадат добри резултати”-потенцираат просветните работници.
Според нив постојат неколку клучни точки за да се постави образовниот систем на здрави основи бидејќи сметаат дека кога темелот е јак, градбата цврсто стои и одолева на времето.
“За враќање на доверба во системот, потребно е враќање на сила на претходните Закони за основно, средно и високо образование, затоа што новите законски решенија се целосно неприфатливи, неодржливи и некомпатибилни за нашиот систем на образование. Без учество на практичарите, без отворање широка јавна дебата, усвојувањето на законите за образование не може да биде основа за градење квалитетен образовен систем кој првенствено ќе промивира демократски вредности и ќе произведе квалитет на пазарот на трудот”-велат дел од наставниците.
Средношколците апелираат сите присутни на протестниот марш да се држат до кодексот на однесување: Забрането е:
1. Истакнување на партиски, религиозни и етнички симболи 2. Секаков вид на вандализам • Палење на учебници и сл. • Уништување на јавен имот 3. Пропагирање на вертикална структура 4. Насилство и говор на омраза 5. Користење на алкохол и опојни дроги 6. Оружје.
