Болеста „син јазик“ го коси сточниот фонд во источна Македонија
Болеста „син јазик“ незапирливо се шири меѓу стоката во источна Македонија и предизвикува огромни штети во сточарството. Веќе има околу 80 регистрирани жаришта на оваа болест, а речиси и да нема стадо во кое нема заболени грла.
Сточарите велат дека не помогнало и тоа што се придржуваат на препораките кои ги добиле од Агенцијата и Ветеринарните станици - секојдневно им угинуваат меѓу 5 и 20 овци.
Штетата е уште поголема што стоката не ја молзат и не произведуваат сирење.
„Би требало можеби поенергично да се настапи, без оглед на потрошените финансиски средства за да се реши овој проблем. Овде барањата во главно што ги слушнавме досега и што разговаравме со сточарите бидејќи имаат големи штети, значи штетата не е само директна од смртта на угинати говеда, овци и кози, туку штетата е индиректна кога ќе продолжи да се оштетува во вид на молзено млеко, во вид на јагне и во вид на заболена овца, која тешко се лекува а потоа може и да угине“, вели Љупчо Станковски, потпретседател на Федерација на фармери.
Болеста „син јазик“ е неконтагиозно вирусно заболување кај домашните и дивите преживари (претежно се јавува кај овците но заболуваат и говедата, козите, бафалата, антилопите, елените, срните и камилите) кое се пренесува преку инсекти (комарци) од видот Culicoides. Не постои ефикасен третман против неа.
Не може да се пренесе меѓу луѓето дури и при консумирање на месо и млеко од болно животно, но земјоделците сепак трпат загуби.
Болеста различно се манифестира кај различни видови животни. Во најтешка форма се јавува кај овците, каде предизвикува намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност. Морталитетот варира од 2-30% кај заболените животни, но, може да достигне и до 70%.
Слично
