Боледувањата до 15 дена ќе ве чинат поскапо!
Наместо 20%, дури 30% од плата ќе им се крати на работниците кои користат боледување до 15 дена, пишува Утрински весник. На работникот ќе му се исплаќаат само 70% од платата доколку користи боледување до 15 дена.
Измените во општиот колективен договор биле усогласени меѓу работодавачите, синдикатот и Владата кон крајот на минатата година и веќе стапија на сила. Најновиот колективен договор познава само 70 отсто плата за боледување до 15 дена и 90 отсто плата за боледување над 15 до 30 дена.
Работниците се слабо информирани за овие измени, а многумина од нив се и затечени кога ќе си ја видат пресметката од плата по искористено боледување.
Официјално објаснување зошто поскапеа боледувањата нема, но според некои проценки токму боледувањата до 15 дена најчесто се користат од страна на работниците и претставувале голем финансиски товар за работодавачите.
