Економија, финансии, бизнис

Контакт

БОЈКОТ: Средношколски пленум бара конкретни решенија, не празни ветувања!

БОЈКОТ: Средношколски пленум бара конкретни решенија, не празни ветувања!
Средношколците не отстапуваат од идејата за бојкот на наставата. Ниту најавата на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми дека оваа недела ќе се сретне со нивни претставници не е доволна да ги разубеди средношколците дека ваква средба реално ќе се случи. За нив е велат понижувачки и дрзок односот на надлежните кои пред десетина дена им дале погрешни телефонски броеви на учениците,  преку кои и покрај нивната упорност никој не се јавувал на повиците. Тоа  за средношколците е доволна причина да не веруваат во најави и ветувања,  туку да бараат конкретни решенија за образовните проблеми. Бојкотот на наставата, потсетуваат е само логично продолжение на протестите преку кои јасно порачуваат дека се соочуваат со според нив  најлошите рефоми во образованието досега, а бојкотот објаснуваат дека нема да биде безделничење или само фраза да не се оди на училиште. Напротив, учениците од средните училишта потенцираат дека ќе одат на училиште каде ќе се води редовна евиденција но нема да присуствуваат на настава. Бранењето на проектите за  матурантите ќе биде целосен исклучок од бојкотирањето на наставата и ќе тече нормално.  Најзасегнати велат ќе бидат матурантите кои покрај екстерно тестирање на полугодието, државна матура на крајот од учебната година, ќе ги чека и нов предизвик со најавите за уште едни реформи –овој пат во високото образование. Затоа според учениците, сега пред крајот на учебната година е добро време да се проговори за проблемите,  за кои велат многумина сеуште сакаат да молчат и да ги заплашуваат со казни и притисоци. “Покрај гласините за изречување на парични казни кон родителите и професорите, нашиот бојкот на настава сепак ќе започне денеска. Причината за нашиот бојкот е игнорантноста на надлежните во Министерството за образование  кон Средношколскиот пленум и секој наш обид да стапиме во контакт со раководството на МОН.Веќе две недели се обидуваме да закажеме средба која министерот  ја одбегнува и за која даде лажни ветувања дека ќе се оддржи.Да нагласиме дека според член 155 од кривичниот закон на Р.М, секој оној што со сила, измама или на друг начин ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир ќе се казни со парична казна или затворска казна од 1 година. Исто така според член 156 од кривичниот законик  секој кој на друг со сила или сериозна закана ќе му го одземе или ограничи правото на штрајк ќе се казни парично или со казна затвор”-велат од Средношколскиот пленум. Според нив, учениците како идна прогресивна младина која знае и сака да научи за своите права неможе и не смее да биде заплашувана и манипулирана со закани. Тие  објаснуваат дека нивните барања  се засноваат на сериозни анализи и аргументи со кои бараат враќање на стариот концепт за полагање државна матура, но и укинување на екстерното тестирање за учениците дополнително, а дополнително  ја обработиле и законската регулатива по однос на нивните права за бојкот на наставата. “Според Законот за средно образование, глоба од вредност на 2000 евра може да биде изречена на ученикот само ако ученикот континуирано 25 работни дена отсуствува од настава. Исто така сакаме да им порачаме на нашите соученици да што имаат повеќегодишен неактивен статус, немаат познавање од правото и располагаат со голема количина на дезинформации” –нагласуваат средношколците од Пленумот. Најавите за средба со министерот Адеми за нив се  потенцираат, само празно ветување. Но и да се случи ваква средба, тие не сакаат тоа да биде само декларативна заложба и ветување дека ќе се разгледаат нивните барања и недостатоците ќе ги утврдуваат работни групи. Ова сценарио, според учениците е веќе познато и видено и за жал сметаат дека досега  не вродило со плод ниту за наставниците, професорите и студентите. Тие бараат конкретни одлуки, бидејќи како што нагласуваат, токму  од нив на многумина ќе им зависи понатамошната професионална определба. За денеска бојкот на наставата е најавен  во скопските гимназии “Орце николов”, “Раде Јовчевски-Корчагин”, “Кочо Рацин”, “Никола Карев”, а слични активности се најавени и во средните училишта од другите градови низ земјава. Од Средношколскиот пленум им порачуваат на своите соученици од Средношколската унија дека ниту двата последователни протести, ниту активностите на пленумот не се политичко-партиски мотивирани, туку како што велат се израз на незадоволство и уставно загарантиран и демократски начин на делување. Тие објаснуваат дека  во ниту еден момент не побарале помош и подршка од ниту една политичка партија, туку самоиницијативно се организирале против според нив,  лошите реформи во образованието. Затоа Пленумот ги отфрла етикетирањата на нивни членови и поединци,  кои велат јасно и недвосмислено ги искажале своите ставови. Од Средношколската унија минатата недела обвинија дека Средношколскиот пленум е подржан од опозицијата и невладината СОРОС без да образложат  од каде ги добиле информациите и доказите кои ќе ги поткрепат нивните директни обвинувања. Тие од друга страна најавија дека ќе поднесат претставки до Народниот правобранител и Првата детска амбасада “Меѓаши”. До канцеларијата на Народниуот правобранител сеуште не стигнала претставката на Унијата, но со реакција се јави Првата детска амбасада. Во нивното соопштение стои дека правото на мирен протест е едно од основните права на човекот преку кое тој може да го изрази своето мислење за задоволство и незадоволство. “Како организација која се грижи за правата на децата би сакале уште еднаш да го нагласиме правото на здружување на децата и нивната слобода на изразување како и гарантирање на сигурноста и безбедноста на децата кога учествуваат во протестирање. Правото на слобода на здружување и слобода на изразување го опфаќа во себе и правото на протестирање. Вклученоста на децата во протести, преку формални или неформални здружувања, за прашања кои се од нивно значење водат кон тоа децата да имаат директно влијание врз политички промени и креирање политики кои се однесуваат на теми од нивно значење.  Децата треба да се препознаат и да се признаат како група која има право на протест и право да им се овозможат услови за тоа, како и да се гарантира нивната безбедност во текот на оставарување на тоа право односно на здружувањето и мирното собирање.Но исто така доколку во текот на остварување на ова право тие се соочуваат со закани по нивната безбедност, организаторот на протестот има обврска да преземе мерки за безбедноста за децата кои се вклучени како и за останатите граѓани и да побара поддршка во истото од државните органи, а доколку истата на је побара кај државните органи постои обврска да преземат превентивни мерки”-се вели во соопштението на Меѓаши. Според нив,  кога постојат две тн. спротивставени страни сметаме дека најважно е воспоставувањето комуникација, и всушност тоа се први чекори кон можната посакувана промена. Оттаму порачуваат да  не се суди,  туку да се  препознаат  обидите за манипулации како што се заканите и навредите, да се  воочат  и да се променат. “Значи, тоа е можно само доколку се воспостават контакти меѓу двете “страни” и со започнување или одржување комуникација. Сметаме дека е важно Средношколската унија на Македонија и Средношколскиот пленум да разговораат како партнери и да изнајдат заедничко решение за излез од состојбата која доколку не се реши навреме може и да ескалира со несакани последици, што никој всушност и не го посакува или пак да резултира со гаснење на надежта кај младите дека се можни промените и дека генералната партизирана  подвоеност на општеството е иста и кај младите”- потенцираат од Првата детска амбасада ”Меѓаши”. Како организација која се грижи за правата на децата тие потсетуваат дека Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи со кои на децата им се гарантираат и правата кои спаѓаат во групата на граѓански и политички права и важноста на детско/младинското учество особено во процесите на одлучување за прашања кои се важни за нив. КПД му го признава правото на детето односно малолетните лица на учество/партиципација, што значи тие да бидат слушнати и консултирани за работи и одлуки кои се од нивен интерес! С.Б.
Слично

Поврзани вести