Богов:Нема опасност по стабилноста на денарот
Денарот е стабилен, каматите за кредити од банките се ниски, а инфлацијата нема да доведе до општ раст на цените, тврди гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Девизните резерви во моментов се на историски највисоко ниво, немаме апсолутно никакви притисоци, побарувачката и понудата на девизи е нормална, дури ние повеќе откупуваме девизи отколку што продаваме, штедењето во денари расте, на сметка на штедењето во евра, значи релативното учество се намалува, исто така немаме нерамнотежи во екстерниот сектор, немаме нерамнотежи во банкарскиот сектор. Значи нема апсолутно никаква причина за опасност по курсот на денарот“,истакна гувернерот Богов.
Во делот за инфлацијата, гувернерот смирува дека раст на цените не треба да се очекува и нема да се случи.
„Порастот во август и во септември беше поголем од нашите очекувања, меѓутоа беше резултат на еднократни фактори и целосно е резултат на цената на нафтата и на храната на светските берзи. Цените на храната пораснаа значително последните неколку месеци како резултат на сушата во главните производители на житарки, а и сушата во регионот, која исто така влијаеше врз оние сезонски земјоделски производи“ , вели гувернерот.
Слично
