Богов: Политичката криза ги прави странските инвеститори несигурни
За економијата се потребни стабилни и предвидливи услови за работа и стабилни институции, бидејќи во спротивно странските инвеститори се несигурни, вели гувернерот на НБРМ Димитар Богов, во интервју за Радио Слободна Европа.
Затоа тој смета дека е најдобро „сите политички битки да се водат во рамките на институциите“.
Директните ефекти од украинската криза врз македонската економија нема да се големи, затоа што нашата економија не е многу поврзана со украинската, проценува Богов.
„Но секако внимателни сме на индиректните ефекти коишто може да дојдат врз економскиот раст, доколку кризата во Украина ескалира, доведе до позначајни економски нарушувања и се одрази на стапката на економски раст во Европската унија. Таа е наш најголем трговски партнер, побарувачката за нашите производи би се намалила, а исто така би имала ефект и врз нашиот економски раст. Исто така украинската криза може да има влијание врз основните производи како што се пченицата, пченката, нафтата, гасот што секако би можело да влијае врз нашата домашна инфлација“, вели гувернерот на НБРМ, додавајќи дека централната банка ги зема предвид овие факти во сопствените проекции.
„Очекуваме девизните резерви да се стабилизираат на ова ниво, дури и малку да пораснат до крајот на годината, а во 2015 позначајно да се зголемат, односно акумулираат“, најавува гувернерот Богов во интервјуто за РСЕ, одговарајќи на намаленото ниво на девизни резерви во периодот од февруари до април.
Слично
