Богов му возврати на Наумов: Престани со шпекулациите за девалвација на денарот!
Кире Наумов во последните пет години во своите колумни најавува девалвација на денарот, а во меѓувреме националната валута е стабилна, соопштија денеска од Народната банка на Република Македонија (НБРМ), како одговор на обвинувањата што во последниот период им ги упати Наумов од позиција на претседател на економскиот совет на опозицискиот СДСМ.
„Денарот остана стабилен, а кредибилитетот на Наумов е девалвиран...Кире Наумов наместо да се соочи со своите противници, повторно се нафрла врз Народна банка и врз гувернерот, а тоа го прави во негов стил, секогаш пред избори“, стои во соопштението од Кабинетот на гувернерот Димитар Богов, од каде го повикуваат Наумов да се воздржи од шпекулации околу националната валута.
Од таму одговараат и на прозивките што ги упати Наумов до гувернерот Богов со барање да ја открие цифрата за задолженоста на Македонија.
„Податоците за долгот на централната влада и за јавниот долг во ниедна земја во Европа не се надлежност на централната банка. Овие податоците се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии, и во нив се вклучени и податоците произведени од Народната банка за надворешниот долг на централната влада и на јавните претпријатија", реагираат од НБРМ и додаваат дека од минатата година, покрај основните табели, се објавува и детална аналитичка табела за јавниот надворешен долг за да се постигне целосна транспарентност од Народната банка.
Исторвремено, од Народна банка додаваат и дека пресметката на бруто домашниот производ, како и секаде во Европа, е во надлежност на Државниот завод за статистика, а Министерството за финансии и Народната банка ги користат ваквите податоци во своите анализи и презентации.
„За 2013 година, прелиминарен податок за БДП ќе има кон крајот на оваа година. Во меѓувреме, Министерството за финансии и Народната банка користат свои проценки добиени врз основа на моделите коишто ги користат, што е вообичаена практика насекаде во Европа. Која проценка ќе биде поблизу до прелиминарниот податок произведен од Државниот завод за статистика ќе се види кон крајот на годината", објаснуваат од Кабинетот на гувернерот.
Наумов изрази сомневање во независноста на централната банка и го прозва гувернерот Богов да каже колку изнесува јавниот долг на државата.
Слично
