Богов и Ставрески во Вашингтон – редовни средби на ММФ и Светска банка
Гувернерот на Народната банка Димитар Богов и вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставревски денеска во Вашингтон се дел од редовните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. На средбите учествуваат гувернери на централните банки, министри за финансии, политичари и експерти од целиот свет. Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, дискусиите минуваат во знак на политичката криза во САД и блокада на нејзиниот буџетот и заканите со банкрот.
Оттука еврокомесарот Оли Рен е пречекан со коментарите дека најверојатно е среќен што конечно е во земја која има поголеми проблеми од ЕУ. Рен изјави дека очекува скромно подобрување на економската состојба во Европската унија и бавно излегување од рецесијата, но и дека во Брисел се загрижени поради запирањето на растот на земјите во развој, пред сè БРИК земјите, и секако, поради блокадата во САД.
Тој ги повика европските земји кои во изминатите години се соочија со банкрот да продолжат со реформите и најави дека годнава може да се очекува Ирска и Шпанија да излезат од европските програми за помош.
Според директорката на ММФ, Кристин Лагард, нерешителноста е лоша за американската економија.
„Недостигот на решителност може да има многу негативни последици за американската економија и да предизвика прелевање што би значело негативни последици за остатокот на светот. Може да се предизвика нова криза, која ќе трае уште подолго“, од Вашингтвон изјави директорката на ММФ, Кристин Лагард.
Оли Рен, претставникот на Европската централна банка Јорг Асмусен и Клаус Реглинг, задолжен за програмите за помош на банкротираните држави, се соочија со бројни прашања од грчките новинари, зошто досегашните мерки морале да бидат толку болни за грчката држава, која загуби четвртина од својата економија и се соочи со невработеност од над 28 проценти.
„Беше неизбежно Грција да се соочи со ваков удар. Државниот сектор во Грција беше зголемен со децении, од страна на сите влади и партии во земјата, далеку над можноста на економијата да го одржува понатаму. Личните интереси и политичката реалност во Грција не дозволија да се спроведат реформите во прво време, и затоа таа почна да излегува од кризата дури откако реформите беа спроведени“, додаде Рен и најави дека по пролетните проценки на грчката економија ќе може да се разговара за продолжување на роковите за отплата на грчкиот долг и за натамошно намалување на стапките и помош за буџетот, но еврокомесарот и другите говорници ги отфрлија барањата на грчките новинари за повторна акција за бришење на грчкиот долг, кој изнесува над 170 проценти од целата годишна грчка економија.
„Кога ММФ ги прави анализите на долговите, тие зборуваат за туѓи пари. Предлагаат други доверители на задолжените држави да сторат нешто. Во овој случај, доверителите се државите на евро-зоната“, изјави Асмусен.
Слично
