Богов и Ставрески во Вашингтон, бараат пари за конкурентност и иновации
Двајцата македонски високи претставници, гувернерот на НБРМ Димитар Богов и вицепремиерот Зоран Ставрески во Вашингтон го започнаа средбите на годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Според најавите од Ставрески, Македонија во Вашингтон настапува со проекти за инфраструктурата и за подобрување на конкурентноста, јави МИА.
Тој вели дека посетата ќе биде искоритена за средба со потпретседателите на ММФ и на Светска банка задолжени за Македонија. Најави за средби има и со директорите на тимовите и извршните директори во бордот на ММФ и на Светска банка, кои според Ставрески се важни за проектите кои ги носи СБ за Македонија.
„Нашиот фокус ќе биде во настојувањето да добиеме средства за подобрување на конкурентноста на македонската економија, пред се за патната инфрастуктура и за човечкиот капитал, вложувањето во иновации и проекти од тој тип“, изјави Ставрески.
Во Вашингтон, дискусиите минуваат во знак на политичката криза во САД и блокада на нејзиниот буџетот и заканите со банкрот, но тема е и забавувањето на растот во земјите во развој, како Кина, Бразил, Индија и Јужна Африка, кои досега беа светлата точка во светската економија. На средбите учествуваат гувернери на централните банки, министри за финансии, политичари и експерти од целиот свет. Главни теми се економската и политичка криза во САД.
Свое мислење за политичката блокада и кризата во САД дава и Ставрески за МИА.
„Моите очекувања се дека САД нема да дозволат оваа криза предолго да трае, дека ќе има притисок од јавноста врз политичарите и дека ќе се најде некое компромисно решение. Не би било добро ниту за светската економија ако кризата во Америка потрае бидејќи може да се прелее, и се разбира значењето на американската економија е огромно за светската економија. Сепак, очекувам дека во кратко време ќе се најде решение и ќе нема поголеми последици, бидејќи сите на некој начин ги научија лекциите од претходната криза“, смета вицепремиерот.
Слично
