Богов: Ако продолжи политичката криза економијата ќе страда
- Како импут во нашите проекции го земаме задолжувањето на државата кое е планирано во Буџетот од кое дел е планирано како надворешно, а дел како внатрешно. Може да има некои поместувања меѓу внатрешното и надворешното задолжување, но во секој случај тоа е нешто што го координираме со монетарната политика. Монетарната политика постојано се прилагодува на тие движења и не очекувам некои позначителни ефекти од таквите евентуални промени во финансирањето на фискалната политика- рече тој.
За актуелната дефлација во Македонија, гувернерот на НБРМ рече дека е привремен феномен кој се должи на намалувањето на цените на светскиот пазар на суровата нафта и храната и додаде дека без позначителна интервенција од НБРМ ќе се доведе во нормални рамки.
- НБРМ нема потреба да преземе мерки за дефлацијата затоа што главно е предизвикана од пониските увозни цени на нафтата, нафтените деривати и главните прехранбени производи, како што се пченицата и пченката, чии цени на светскиот пазар минатата година имаа надолен тренд. Тоа се позитивни ефекти од движењето на цените на светскиот пазар кои се пренесени во македонската економија. Домашната побарувачка е доста здрава, расте и не е причина за дефлациските тенденции и затоа сметаме дека дефлацијата е привремен феномен кој во текот на годината ќе изчезне и полека ќе имаме позитивна стапка на инфлација која годинава веројатно ќе биде под 1 процент, а наредната година веќе може да очекуваме инфлација меѓу 1 и 2 процента- истакна гувернерот.
