Економија, финансии, бизнис

Контакт

Богоев : “Универзитет на пет листа хартија”  заглавен во процедурална дискусија

Богоев : “Универзитет на пет листа хартија”  заглавен во процедурална дискусија
Седницата  на Комисијата за образование неможе да мрдне од мртва точка. И по тринаесет  последователни седници пратениците се заглавени на процедурална дискусија. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека единствена цел на опозицијата е да се блокира Законот, од опозицијата пак бараат да се почитува деловникот. Пратеникот Стефан Богоев за Фактор вели дека расправата повеќе од две недели е заглавена во процедурална дискусија бидејќи претседателката на комисијата Олга Најденовска врши класично насилие и го гази Деловникот за работа на Собранието. Во него  вели  јасно е пропишано на кои собраниски комисии може да се ограничи дискусијата. “Тоа  се комисијата за финансирање и буџет, како и комисијата за економија, единствено кога се разгледуваат закони кои се усогласување со регулативата на ЕУ. На седниците на другите комисии, не може да се ограничи дискусијата! Пратениците на ВМРО ДПМНЕ се обидуваат да изгласаат квази одлука која не е пропишана во деловникот и насилно да ја ограничат дискусијата во комисијата. Токму затоа сме заглавени во процедурална расправа и токму тоа е причината зошто  претседателката  на Комисијата заработи интерпелација за работата и се запиша во историјата како единствен или можеби еден од малкуте пратеници за кои била поднесена интерпелација”-објаснува пратеникот Богоев. Власта обвини дека опозицијата има поднесено амандмани кои се нелогични и контрадикторни,  како во делот на именувањето на новиот Универзитет, така и во делот на техничките и структурни решенија за опрема и функционирање. Но според пратеникот Богоев амандманската расправа ќе почне во оној момент кога ќе почнат  да  се почитуваат процедурите од Деловникот, бидејќи како што рече во моментов пратениците од власта пробуваат да дискутираат по амандманите со што пробуваат да ја дефокусираат јавноста од грубото газење на собраниските процедури. “Власта не може да дискутира и да ги оценува амандманите кога воопшто не сме дојдени до тој дел од расправата.  По секоја цена сакаат да го формираат овој Универзитет, кој е само пет листа хартија, без никаква анализа за потребата и без никаква финансиска конструкција. Да поедноставам, сакаат да формираат Универзитет на крајно сомнителен начин. Тука се поставуваат две прашања: дали воопшто сакаат да го формираат овој Универзитет, имајќи во предвид дека го немаат предвидено основното за негово формирање, а тоа се финансиите, и второто прашање е ако навистина сакаат да го формираат, како очекуваат од нас како опозиција да ги поддржиме, кога немаме никаква анализа за потребата од ваков универзитет. За нас, јасна е намерата на власта, формирање на контра универзитет на универзитетот “Свети Кирил и Методиј” за вдомување на партиски кадри. Ние ова, на ваков начин, нема да го дозволиме!”-нагласува пратеникот. Клучот на проблемите во образовниот процес според него е во подобрување на квалитетот, а не на квантитетот.Оттука неопходна е претходна анализа за потребата од уште еден универзитетски центар на образовната сцена во услови кога во земјава веќе има дваесет и три правни факултети. “Ние како опозициски пратеници, јавноста, студентите, професорите и стручната фела, воопшто немаме претстава дали има потреба од формирање на ваков универзитет. Ниту елаборат, ниту анализа за потребата се доставени до нас како пратеници, а не се доставени ни на увид за јавноста. Единствено што ни е доставено се пет листа хартија, со триесетина членови со кои треба да се формира универзитет. Тоа е невиден преседан во Собранието. Како ние како пратеници да донесеме одлука? Врз база на што? На прашање од пратеници до претставници од Министерството за образование  да добиеме анализа или елаборат за потребата, беше одговорено дека елаборат има. И толку! Елаборатот и анализата, ако воопшто ги има, министерството и владата си ги чуваат за себе. Зарем ни требаат нови медицински и правни факултети” -додава пратеникот Богоев. Квалитетот во високото и генерално во образованието, според пратеникот може да се постигне  само  со широк консензус, односно за круцијални прашања за образовниот процес како што е екстерното тестирање или формирање на нов Универзитет  да се консултираат сите засегнати страни. Оттука како што вели пратеникот  Богоев  не може Владата и пратениците од ВМРО ДПМНЕ да предлагаат и носат закони, а да не ги консултираат оние кои ќе ги чувствуваат најсилно, позитивните или негативните последици од таквите закони, а  тоа се учениците, наставниците, студентите и професорите. Од  септември  се поднесени  десетина барања за одржување на јавна расправа за општите состојби во образованието но од претседателката на Комисијата за образование Најденовска  досега немаат   добиено одговор за нив. С.Б.
Слично

Поврзани вести