Бочварски: За два проекти ќе се намалат парите годинава
Благој Бочварски, министерот за транспорт и врски, денеска откри дека на сметка на четвртиот пакет на економски мерки како помош за надминување на ковид-кризата при најавуваниот ребаланс на буџетот ќе се скратат средствата за железничкото поврзување со Бугарија во Коридорот 8. Ќе се намалат парите за изградбата на пругата и од Бељаковце - крива Паланка и од Крива Паланка до бугарската граница.
- Во проектот за железницата Коридо 8 е намалена сумата на средства поради тоа што во првата фаза фирмата-изведувач се повлече од делницата, така што сега ние правиме план за тоа како преку одлука на Влада да продолжиме. Првата и втората делница од источниот крак планираме да влезе како еден заеднички проект и наскоро да распишеме еден нов повик за нов изведувач кој ќе продолжи со градење, рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.
За истата цел, тој вели дека ќе има и помало кратење во делот на изградбата на магистралните гасоводи каде што има застои со инфраструктурните проекти и изместувањето на трасата.
- Сепак ќе продолжиме со изведувањето и Велес ќе го врземе со кракот Штип - Свети Николе, а се проектира и западниот крак од Охрид кон Кичево и Гостивар и ќе го затвориме енергетскиот прстен, додаде Бочварски.
