БМЗ дава околу 1.260 евра нето по вработен, но стигна до само 122 од најавените 775 работни места
Германската БМЗ, инвестицијата во индустријата за батерии со капацитет во Општина Илинден, која беше најавена како проект од 65 милиони евра со 775 нови работни места, во 2025 година покажува две спротивни страни: високи плати за македонски услови и сериозна загуба во билансот. Најголемиот проблем, сепак, е динамиката на вработување, бидејќи компанијата засега е далеку од бројот со кој беше промовирана инвестицијата.
Според податоците што ги анализираше Фактор, БМЗ во 2025 година имала 122 вработени. Нето-износот за плати изнесува 113,5 милиони денари, што дава просечна месечна нето-плата од околу 77.500 денари, односно околу 1.260 евра по вработен. Тоа е најпозитивниот дел од досегашната слика за компанијата и покажува дека, барем кај платите, инвестицијата носи натпросечни примања.
За споредба, во Германија просечните нето-примања се ориентациски околу 2,4 пати повисоки, а во преработувачката индустрија пресметката оди кон околу 3.480 евра нето, зависно од даночната класа и придонесите, врз основа на официјалните бруто-податоци на германската статистика.
Кај вработувањата сликата е послаба. Наместо приближување кон најавените 775 работни места, БМЗ во 2025 стигнала до 122 вработени, што е околу 16 проценти од првичната најава. Во 2023 компанијата имала 31 вработен, а во 2024 имала 91. Раст има, но темпото е далеку побавно од очекувањата создадени при промоцијата на инвестицијата.
Финансиски, 2025 е година на големо ширење и уште поголеми трошоци. Вкупните приходи изнесуваат 2,09 милијарди денари, или околу 34 милиони евра. Расходите достигнале 2,77 милијарди денари, односно околу 45,1 милиони евра. Крајниот резултат е загуба од 721,4 милиони денари, или околу 11,7 милиони евра.
Загубата се продлабочува од година во година. Во 2023 била 26,2 милиони денари, во 2024 пораснала на 108,9 милиони денари, а во 2025 достигнала 721,4 милиони денари. Истовремено, приходите од продажба речиси стојат во место: 497,2 милиони денари во 2025, наспроти 498,3 милиони денари во 2024. Големиот раст на вкупните приходи доаѓа од ставката „останати приходи од работењето“, која во 2025 изнесува 1,59 милијарди денари.
БМЗ почна со работа во Македонија во 2023 година, најпрво во изнајмен капацитет. Во 2024 беше поставен камен-темелникот на новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2, со најава за 700 нови работни места во таа фаза од проектот. Новиот производствен капацитет беше претставен како клучен чекор за проширување на производството.
За инвестицијата претходно беше наведена и предвидена државна помош од 28,7 милиони евра, односно околу 1,77 милијарди денари, но од јавно достапните податоци не се гледа колкав дел досега е исплатен.
Филип Костов
