BMW уште не избира овластен сервисер во Македонија, клиентите оставени на цедило!
Сопствениците на автомобили BMW во Македонија се на мака, откако и официјално од централата на компанијата во Германија добиле информација дека и натаму нема овластен сервисер и застапник на нивните автомобили во земјава и дека автомобилите мора да си ги носат на сервис во странство, доколку сакаат да им важи гаранцијата.
Проблемот останува нерешен од првата половина на годинава, кога се затвори дотогашниот застапник и овластен сервисер на автомобилите на BMW во земјава „Маккар-Балфинко“. Купувачите на овие автомобили останаа без никакви информации – кој ќе ја покрие гаранцијата на автомобилите кои чинат неколку десетици илјади евра, каде да набавуваат делови, кој ќе ги сервисира автомобилите на BMW, Mini и Land Rover, за кои беше застапник оваа фирма.
Од централата на германскиот автомобилски гигант BMW во Минхен, тогаш за Фактор потврдија дека Маккар веќе не е дистрибутер за нивните автомобили, а нов – нема.
„Договорот за увоз со Маккар Балфинко истече и не беше обновен со заемна согласност. Ќе го објавиме новиот увозник за BMW и MINI во Македонија кога ќе дојде време“, изјави за Фактор Ирмгард Арсеншчек, портпарол на Групацијата BMW за Африка, Карибите и Источна Европа.Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) ги советува купувачите на овие автомобили да се организираат, заеднички да се обратат до Пазарниот инспекторат и до централата на BMW во Минхен и да бараат веднаш да ги извести кој ќе биде следен сервисер.
„Улогата на дистрибутерот не е толку важна, но сервисер мора веднаш да се обезбеди. Возачите мора да знаат дека секој сервис на возилото кај неовластен сервисер автоматски ја поништува гаранцијата и во тој случај потрошувачите нема да можат да ги остваруваат правата што ги нуди таа гаранција“, вели за Фактор Марјана Лончар – Велкова, претседателка на ОПМ.Според Лончар-Велкова, потрошувачите имаат право да си побараат и надомест за трошоци доколку за сервис мора да го носат возилото во некоја од соседните земји.
Слично
