Блумберг: Јужен тек ќе биде изграден
Одлуката на бугарската Влада да ја запре изградбата на гасоводот Јужен тек му штети на угледот на рускиот претседател Владимир Путин, но овој важен енергетски проект на крајот веројатно ќе биде остварен, оценува американската агенција Блумберг.
Во текстот со наслов „Стопирањето на Јужен тек ќе му штети на Путин“, новинарот на Блумберг Леонид Бершински оценува дека одлуката на бугарската Влада, под директен притисок на Вашингтон, но и на Брисел, да ја запре изградбата на гасоводот кој за Русија има стратешко значење, е всушност доказ дека Европа во пракса покажува солидарност со Украина. Јужен тек, веројатно, на крајот ќе се изгради, но одлагањето на неговата изградба по одлуката на бугарската Влада, ќе ги ослабне позициите на Русија во преговорите со Украина за прекин на проруското востание во југоисточните украински региони и за идните испораки на гас, пишува Блумберг.
Во текстот се појаснува дека Русија планира изградба на Јужен тек кон Бугарија, по дното на Црното Море, а потоа и кон Србија, Унгарија и други централно-европски земји, за тој начин Гаспром по заобиколен пат да ги снабдува европските клиенти и да ја минимизира зависноста од рутата преку Украина.
Таквата позиција на Гаспром во извозот на овој енергенс до европските потрошувачи е стратешка цел за Путин, тврди Блумберг. „ЕУ и САД сакаат да го лишат Путин од тоа оружје - природниот гас - и заради тоа е извршен притисок врз бугарската Влада“, се наведува во текстот.
Дополнително, како аргумент за Брисел и Вашингтон послужило тоа што целата работа на изведбата на гасоводот во Бугарија, како што тврди Блумберг, ја добил еден руски бизнисмен, близок пријател на Путин и неговите бугарски партнери. Ова предизвикало реакции и на американскиот амбасадор во Софија Марси Рајс, кој рекол дека „сега не е време со Русија да се води бизнис како што обично се прави тоа“ и потсетил дека токму против тој руски бизнисмен и против компанијата „Стројтрансгас“, која требаше да ги изведува работите во Бугарија, САД веќе вовеле санкции.
Инаку денеска од Брисел порака пристигна и за Србија. „Србија, како членка на Европската енергетска заедница, ќе мора од почетокот на следната година да започне да ги применува одредбите на Третиот енергетски пакет“, изјави Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Европската унија категорично останува на ставот дека проектот Јужен тек не е во согласност со правилата што ги предвидува Третиот енергетски пакет на ЕУ.
